Вирџинија Хол била најопасниот шпион на сојузничките сили и ја сметале за закана за Третиот рајх. Поради тоа нејзината глава била уценета.
Иако имала само една нога, ниту еден друг шпион не ги мачел нацистите како неа. Вирџинија Хол е родена во Балтимор на 6 април 1906 година во богато семејство на фармери. Била исклучителен студент, главна уредничка во школскиот весник и капитен на хокеарскиот тим. Нејзините врсници ја запаметиле како најоригинална во класот.
Образованието го продолжила во Европа каде што дипломирала економија и меѓународно право, a научила француски, италијански и германски јазик.
Се вработила во американската амбасада, а потоа доживеала несреќа и случајно се застрелала во нога додека ловела. Поради тешките повреди, лекарите ѝ ја ампутирале ногата сè до коленото. Ги срушиле нејзините соништа за дипломатска кариера затоа што Стејт департментот тогаш имал правило што забранувало вработување лица со инвалидитет.
Хол не се откажала. Таа дала отказ во амбасадата и заминала во потрага по подобра иднина. Кога почнала Втората светска војна, изразила желба да се бори. Живеела во Лондон и се јавила во специјалните единици, а научила да користи оружје и организира акции за покренување отпор. Британската војска ја испратила Вирџинија во Франција да собира податоци за германските операции и да помогне во организирање на движењето на отпорот.
Вирџинија низ густиот снег едвај се пробила до Шпанија, каде била уапсена за илегален премин на границата. Во затворот преку една друга затвореничка испратила порака до американските официјални лица во Барселона. Тие ја ослободиле, а таа се приклучува во американскиот шпионски одред.
Во мај 1944 година повторно пристигнува во Франција, овој пат со лажен идентитет, како Французинка Марсел Монтањ. За да избегне каков било сомнеж, таа си ја бојадисала косата во сиво, ставила протеза и не ја влечела ногата додека се движела.
Работела како радиооператор и тајно им испраќала на Британците и Американците координати за движењето на германските сили. Но, не само тоа.
Таа и нејзиниот тим уништиле четири моста, постојано ги пренасочувале возовите со германска војска и ги уништувала телефонските врски. Вкупно убила околу 150 германски војници и заробила околу 500 од нив. Се шпекулира дека заробениците биле изложени на страшни страдања и измачувања сè додека не ги добиела информациите што ги посакувала.
Таа и другите агенти биле повлечени од службата кога дошло до истоварување во Нормандија. Така завршува кариерата на воениот шпион. Вирџинија продолжува да работи за ЦИА како аналитичарка до нејзината пензија. Добила бројни одликувања.
Починала во 1982 година во Мериленд.