Властите на грчкиот остров Крит покренале истрага по исчезнат американски научник Сузана Итон, која минатата недела присуствувала на конференција во Православната академија во близина на северозападниот град Ханиј.
Сузана е молекуларен биолог од Институтот во Дрезден во Германија, а исчезнала минатиот вторник. Колегите кои биле со неа на конференцијата пред властите изјавиле дека Сузана последен пат била забележана како џогира.
Полицијата и градските служби почнале да трагаат по Сузана, но досега нема никакви траги од неа. Во потрагата се активирани и локални волонтери. Официјалните лица велат дека во петокот била пребарана целата област.
Емили Каперс, роднина на Сузана, за агенцијата „Асошиејтед прес“ изјавила дека нејзиниот сопруг, британскиот научник Ентони Хјуман, заедно со двајцата синови пристигнале на Крит за да помогнат во потрагата.
Во потрагата биле активирани дронови, бродови и авиони. Била пребарана и голем дел од областа во близина на Ханиј. Проширената потрага вклучила и специјално обучени кучиња, како и опрема за пребарување на морето, пишуваат на „Фејсбук“ групата направена за исчезната Сузана, нејзините пријатели, семејството и колеги.
Во постот велат дека Сузана последен пат била видена како свири на клавир, а потоа заминала на трчање во перидот меѓу 15 и 17 часот. Сузана заминала да џогира и покрај високите температури, пренесува „Дејли мејл“.
Извршен е претрес на нејзината соба во која бил пронајден жолт фустан со кој Сузана и претходно била видена. Не биле најдени нејзините патики. Нејзиното семејство навело дека во собата биле пронајдени сите нејзини документи, мобилен телефон и паричник.
„Поради непристапниот терен и екстремните горештини веруваме дека Сузана веројатно или побарала засолниште од големите жештини или можеби само паднала“, напишало семејството на „Фејсбук“.
Според нивните зборови, Сузана џогирала секој ден по половина час, но не е познато во кој правец отишла денот кога исчезнала. Таа вечер требало да има состанок во 18 часот попладнето, на кој никогаш не стигнала.
Текстот Американски научник исчезнал на Крит е превземен од Reporter.mk.