ЦИА се враќа на традиционалната шпионажа против светските непријатели

Главната шпиунска агенција на САД се подготвува да го зголеми присуството ширум планетата, за да ги елиминира непријателите и да одговори на сите закани од големите сили како Русија и Кина, наведува „Глас на Америка“.

Директорката на ЦИА Џина Хаспел најави премин на работата на агенцијата од контратероризам во традиционална шпионажа, против поедини држави-нации кои ги смета за стратешки приоритет. Таа наведе дека земјата има потреба за добивање на подобри известувачки податоци од сегашните.

Хаспел изјави дека Американската агенција решила да го зголеми бројот на агенти стационирани во странство, затоа што смета дека зголеменото присуство во странски земји ќе придонесе за засиленото влијание на САД, пренесува „Гласот на Америка“.

Во рамките на иницијативата, Хаспел изрази надеж дека ќе успеат да регрутираат поголем број на луѓе кои говорат странски јазик. Предност ќе имаат кандидатите кои течно зборуваат кинески, арапски, турски, француски и шпански.

Исто така наведе дека ЦИА има поблиска соработка од кога било претходно со сојузниците ширум светот.

Директорката на ЦИА изрази посебна загриженост во поглед на Кина, за која изјавила дека работи на тоа да го намали американското влијание за да ги спроведе сопствените цели.

„Многу внимателно ги следиме случувањата кои ни делуваат како обид на Кина да го прошири влијанието надвор од сопствениот регион во места како што се Африка, Латинска Америка, островите на Пацификот и Јужна Азија“ вели Хаспел.

Таа навела дека ЦИА е загрижена поради некои такткики кои ги користат, нудејќи им на сиромашните земји инвестиции и заеми кои земјите не можат да си ги дозволат.

„Сакаме тие земји да бидат свесни за сопствениот суверенитет, а странските инвестиции во нивната структура и инфраструктура во еден момент може да доведат до загрозување на тој суверенитет“, истакнала таа.

 

 

 

Текстот ЦИА се враќа на традиционалната шпионажа против светските непријатели е превземен од Reporter.mk.