Додека Ким преговара со Трамп, Северна Кореја тајно гради нуклеарни подморници

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, гради центар за производство на подморници со нуклеарно оружје. Ким со ова сака да му го одвлече вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да добие предност додека траат преговорите за нуклеарно оружје, сметаат аналитичарите.

Сателитските снимки направени на пристаниште во североисточниот дел на градот Синпо се доказ дека Ким гради брод и подморници со нуклеарно оружје, велат истражувачите од Институтот за меѓународни студии во Миделсбур.

На фотографиите се гледа конструкција која излегува од водата. Снимките кои биле направени оваа недела аналитичарите ги споредиле со фотографии снимени од порано. Структурата во меѓувреме пораснала за 100 метри.

Истражувачите велат дека севернокорејските конвенционални подморници обично се многу помали од оние кои се гледаат на сателитските снимки.

Повеќе истражувачи од институтот „Миделсбур“ велат дека структурата најверојатно се користи за изградба и одржување на Севернокорејската програма за производство на  балистички ракети.

Овие податоци се поткрепени и од извештаите на државните медиуми на Северна Кореја, во кои се наведува дека лидерот Ким Џонг-ун во меѓувреме извршил инспекција на новоизградените подморници.

Северна Кореја во последните неколку недели ги засилила своите воени активности и минатата недела лансирала две ракети со краток дострел, само неколку часа откако Ким им понудил на САД да продолжат со преговорите за нуклеарно вооружување. Тоа било осмо лансирање од крајот на месец јули годинава.

Американските аналитичари сметаат дека подморницата од класата „Синпо“ веќе била во употреба во Северна Кореја во 2016 година, кога биле лансирани балистички ракети од типот КН-11 во Јапонското Море.

Поткласата „Синпо“ има само една цевка за лансирање на ракетите, па светските аналитичари сметаат дека Пјонгјанг се обидува сега да изгради подморница со повеќе цевки за лансирање, со цел да ги зголеми можностите за потенцијалните цели.

Во извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии е наведено дека изградбата и ставањето во погон на вистински подморници со балистички ракети претставува значителна закана и би ги комплицирале одбранбените планирања во регионот.

Ако Ким успее да произведе подморници со нуклеарна енергија, САД и неговите сојузници не би можеле да ги пронајдат, смета Даниел Депетрис, соработник во американскиот истражувачки центар „Приоритет на одбрана“.

Даниел вели дека лансирањето  балистички ракети Ким го користи како дипломатска сигнализација.

„Далеку од тоа дека знам што Ким планира во иднина, но многупати се покажало дека наједноставниот одговор всушност е и најточен. Северна Кореја се обидува да покаже што ќе се случи, ако САД не седнат на маса со реални предлози за договор за нуклеарно вооружување“, изјавил Даниел.

 

Текстот Додека Ким преговара со Трамп, Северна Кореја тајно гради нуклеарни подморници е превземен од Reporter.mk.