Кашоги планирал да крене бунт против режимот во Саудиска Арабија

Новинарот од Саудиска Арабија Џемал Кашоги, пред да биде убиен во конзулатот во Истанбул, разменувал пораки преку апликацијата „Вацап“, со Омар Абдулазиз, активист од Монтреал.

Меѓу пораките кои ги има објавено „Си-Ен-Ен“, се наоѓаат и аудио-записи, фотографии и снимки. Од пораките јасно може да се заклучи дека Кашоги планирал да собере голема група од млади луѓе во земјата, која била доволно храбра да се спротивстави на режимот во земјата. Планот првично бил да покренат онлајн акција, но кога во август Кашоги се посомневал дека властите го следат и прислушкуваат, новинарот се откажал од оваа идеја.

Кашоги бил загрижен и поради издигнувањето на позицијата на саудискиот принц Мухамед бин Салман во земјата. Кашоги го нарекувал принцот ѕвер кој ги газел сите оние кои ќе му застанеле на патот, па дури и оние кои го поддржуваат.

„Колку повеќе жртви изеде, толку повеќе станува незаситен“, напишал Кашоги во една од пораките која ја испратил во мај.

„Не би бил зачуден неговата опресија ги стигне и оние кои навиваат за него“, додал Кашоги.

Кашоги и Абдулазиз, кој исто така бил голем противник на режимот во Саудиска Арабија, си разменувале пораки во периодот од октомври 2017 година до август 2018 година. Двајцата размениле преку 400 пораки. Токму Абдулазиз во август го предупредил Кашоги дека е следен од властите во Саудиска Арабија, и дека ги следеле нивните разменувања на пораки.

„Господ нека ни е на помош“, е последното ншто кое Кашоги му го напишал на Абдулазиз.

Кашоги кој побегнал од Саудиска Арабија во САД во 2017 година, е убиен на 2 октомври во конзулатот на својата земја во Истанбул, кога заминал по документите за венчавка. Според турското обвинителство, тој бил задавен, а подоцна неговото тело било распарчено.

Анкара наведува дека таа операција ја извеле 15 лица, кои биле испратени од властите во Саудиска Арабија  кои веднаш по злосторот ја напуштиле Турција.

 

Текстот Кашоги планирал да крене бунт против режимот во Саудиска Арабија е превземен од Reporter.mk.