Кинеската полиција му се заканувала на лекарот кој се обиде прв да предупреди на опасноста од коронавирусот и кој подоцна и самиот се зарази од истиот и почина. Полицијата му се заканувала дека ќе биде казнет, ако продолжи да шири паника меѓу населението.
Доктор Ли Венлианг примил заканувачко писмо од полицијата во кое тие му наредиле да се покае и да призне дека известувањето кое им го испратил на колегите е незаконско делување. Тоа било очајнички обид на властите да ги сокријат вистинските податоци за епидемијата, пишува британски „Мирор“.
Триесетгодишниот Ли почина во петокот откако се заразил од пациентот кој го лечел во Вухан. Тој е еден од осумтемина луѓе против кои било покрената истрага поради ширење шпекулации и лажни вести.
„Доколку не отстапите од својот став и одбиете да се покаете и да продолжите со незаконско делување, ќе бидете казнети по силата на законот. Дали разбирате?“, пишувало во писмото кое Ли го добил од полицијата, пренесува „Мирор“.
На триесети декември доктор Венлианг, офталмологот од Централната болница во Вухан, ги известил колегите преку апликацијата We chat за ширењето на болеста, за која тогаш се сметала дека претставува мистериозен облик на воспаление на белите дробови.
„Седум потврдени случаи на САРС се откриени на пазарот за морска храна ‘Хунан”, напишал Ли на групата на која имало околу 150 негови колеги. Тој навел дека пациентите се во карантин во болницата во Хоуху.
„Страшно, дали САРС се враќа?“, го прашал еден од неговите колеги, мислејќи на епидемијата која во 2002 до 2003 година однесе преку 800 животи во Кина.
Докторите истата вечер ги известиле здравствените власти во Вухан, кои го прашале Ли зошто испраќа такви информации. Три дена подоцна полицијата го натерала Ли да потпише изјава за своето незаконито дејствување.
Писмото е објавено откако се појави снимка на заболените од коронавирусот, кои се рашири во камповите во Вухан во почетната фаза на епидемијата.
Доктор Венлианг добил дозвола да се врати на работа, затоа што епидемијата забрзано се ширела, изложувајќи го здравствениот систем на огромен притисок. На десетти јануари Венлијанг преку социјалната мрежа „Веибо“ му објави на светот дека има грозница, а на крајот на месецот и официјално му била поставена дијагноза.
Минатата недела тој почина. Кинеските власти се заканија дека за ширење шпекулации на мрежата следува казна од седум години затвор.
„Ако владата не настојувала да ги сокрие вистинските размери на опасноста, светот претходно ќе можеше да реагира на ширење на вирусот. Цензурите, дискриминацијата и самоволното апсење нема место во борбата против епидемијата на коронавирусот“, изјави регионалниот директор на организацијата „Амнести интернешенл“, Никола Беклен.
„Кршењето на човековите права спречува наместо да го олесни реагирањето на јавните итни здраствени служби и да ја намали нивната ефикасност“, дополни тој.
Текстот Кинеската полиција му се заканувала на лекарот кој го откри коронавирусот е превземен од Reporter.mk.