Таинствените линии откриени на висорамнините во јужниот дел на Перу, во облик на наскански линии, не биле астрономски инструменти на Индијанците, туку храмови изградени на раскрсниците на важни древни патишта.
Ова го тврдат научници од Универзитет во Торонто во нивната најнова теза. Насканските линии за првпат биле откриени во 16 век од страна на шпанските конквистадори, кои геоглифите ги сметале за патни правци.
Канадските научници повторното откривање на геоглифите го поврзале со периодот од 1939 година, кога перуанскиот археолог Ториби Ксеспе им обрнал значително внимание. Истата година американскиот историчар Пол Косок ги направил првите фотографии од насканските линии од авион.
„Древните планински патеки и геоглифи се двете највпечатливи човечки творби откриени на Андите. Тие се една до друга, а од некоја причина никој претходно не бил заинтересиран за изучување на нивната поврзаност. Ние претпоставуваме дека овие цртежи претставувале капели, каде штоо луѓето ги читале молитвите“, вели Питер Бикулис.
Бикулис работи како професор на Универзитетот во Торонто, а својата последна теза ја објавил во списанието „Антиквити“. Според досегашните проценки, на простор од околу 70 километри се нацртани повеќе од 30 џиновски животни и билки, а забележани се и неколку стотина апстрактни геометриски фигури и 13 000 линии.
Многу од сите нив можеле да се забележат со голо око и од вселената. Археолозите и историчарите не успеале да дојдат до заеднички заклучок за тоа како претставниците на културата Наска, кои живееле на висорамнините на средината на првиот милениум од нашата ера, успеале да ги направат овие џиновски цртежи.
Научниците исто така се расправаат за тоа каква улога имаат геоглифите во животот на Индијанците. Истражувачите веруваат дека тоа се специфични опсерватории од слики од соѕвездијата, пренесува „Спутник“.
Последните години се појавила и теорија дека геоглифите на висорамнината Наска, како и слични вакви творби кои се појавиле во Боливија и Амазонија, на Индијанците им служеле во комуникацијата со Господ.
Некои историчари сметаат дека жителите од културата во Наска ги користеле овие фигури и линии како џиновски коноп за ткаење на облеката на нивните покојници.
Бикулис и неговите колеги понудиле ново објаснување, односно се вратиле на идејата за шпанските конквистадори и историчари. Тие го свртеле вниманието на фактот дека повеќето цртежи на висорамнината на Наска и другите делови на Перу се наоѓаат во близина на раскрсницата на големи древни патишта, кои Инките ги направиле на Андите уште во времето пред на овие простори стигне Кристофер Колумбо.
Тоа ги навело да размислуваат дека патиштата и геоглифите можат да бидат на некој начин поврзани. За да можат да го утврдат тоа, научниците своето внимание го насочиле кон клисурата Сивас на југот на Перу, на чии падини и дно се наоѓале некои од најголемите камени цртежи на древните Индијанци.
Канадски археолози составувале детални мапи од овие подрачја, вклучувајќи ги и древните патишта. Тие користеле снимки направени со помош на дронови. Истражувачите откриле дека повеќето од овие патишта целосно исчезнале во последните два милениума.
Нивните траги се сочувани во облик на разни артефакти и посебна структура на земјиното тло. Интересно е дека геоглифите не биле случајно расфрлани по долината. Речиси секогаш се наоѓале на крајот од истата, во близина на некои патишта или големи населби.
Најчесто можеле да се забележат на места каде што се наоѓале најважните излези и влезови во клисурата Сивас. Научниците истакнуваат дека многу од овие цртежи се слични по својот стил на шарите и се наоѓаат на многу ритуални керамички садови и некои ткаенини од древните Инки и други перуански Индијанци.
Освен тоа, Бикулис и неговите колеги во близина на геоглифите откриле делови од вакви садови, како и други религиозни артефакти. Истражувачите веруваат дека овие мистериозни камени конструкции, кои се изградени на раскрсницата на главните патишта, можат да послужат како некој вид „патна капела“ за древните Инки и другите жители на Андите, кои сакале безбедно да стигнат до своето живеалиште.
Текстот Научници ја решија мистеријата со таинствените цртежи на Инките е превземен од Reporter.mk.