Пред 18 години се случи најголемиот терористички напад што го промени светот, а во јавноста секојдневно излегуваат нови сведоштва за денот кој ќе остане забележан во паметењето на секој Американец.
Во нападите на 11 септември 2001 година загинаа 2.977 лица, а последиците врз здравјето на оние што се нашле во близина на нултата точка се чувствуваат до ден-денес.
Едно од тие сведоштва е и на Питер Хенсон, човекот што патувал со сопругата Су и својата ќерка Кристин. Питер му напишал порака на својот татко.
„Мислам дека имаат намера да одат во Чикаго или некаде на друго место и да се удрат во некоја зграда. Не грижи се, тато, ако се случи нешто, ќе заврши бргу“, му напишал Хенсон на својот татко.
Неговата ќерка Кристин била најмладата жртва во терористичкиот напад на 11 септември.
Тој ден исламистите киднапирале четири авиони. Два од нив летале од Бостон, еден од Њујорк и еден од Вашингтон. Двата што полетале од Бостон, „Американ ерлајнс 11“ и „Јунајтед 175“, завршија во кулите близнчаки.
По ударот во двата небодера, Светскиот трговски центар се сруши. Авионот „Американ 77“ се сруши во Пентагон, а „Јунајтед 33“ исто така летал кон Вашингтон. Патниците во него успеале да им ги нарушат плановите на терористите и да го соборат авионот во Пенсилванија.
Герет М. Граф во својата книга „Единствениот авион на небото“ ја прераскажува приказната на 2.000 луѓе, кои го опишале хоророт што го доживеале на 11 септември. Едно од сведоштвата е и на Питер Зелевски, контролорот на летот во Бостон, центарот во Њу Хемпшри.
„Кога ‘АА 11’ се приближуваше, ми се јави пилотот – Бостон, овде ‘Американ 11’, се искачваме – Го повикав повторно уште неколку пати. Настанаа тие трансмисии, но нешто не беше во ред“, изјавил Зелевски.
Мохамед Ата, лидерот на 19-те тереористи, ги убил пилотите на „боингот 767“ и ја презел контролата над леталото. Тој имал намера да им се обрати на патниците, но наместо тоа, ја повикал контролата на летот.
„Се сеќавам кога ми извика на патниците: Никој да не мрда. Се враќаме назад кон аеродромот. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство. О, Господе! Авионот е киднапиран“, се присетува Зелевски на својата панична реакција.
Пилотите во „Јунајтед 175“, ја слушнале командата на Атина и им се обратиле на контролорите на летот во Њујорк.
„Слушнавме нешто сомнително. Звучеше како некој да го зема микрофонот и на сите им кажа да седнат на своите места“, изјавиле контролорите на летот.
Десет минути подоцна тие велат дека се обиделе да им пренесат нови упатства на пилотите, но не добиле никаков одговор. Во авионот „боинг 767“ патниците почнале да им испраќаат пораки на своите најмили.
Кога „Американ 77“ го погодил Пентагон, Бен Слини, оперативниот менаџер во Командниот центар на Федералната управа за воздухопловство во Вирџинија, донел одлука без преседан.
„Стоев на средината и сите ми се доближија. Им кажав дека ќе ги приземјиме сите авиони на најблиските аеродроми, без разлика на дестинацијата на која се упатени. Очекував негодувања. Од 4.500 авиони, кои се наоѓаа во воздухот, стигна само едно барање да не се слета на најблискиот аеродром. Го одбив“, изјавил Слини.
Џерал Ирвуд бил капетан во претпоследниот авион, кој слетал на „Ла Гардиј“ во Њујорк.
„Летавме над Светскиот трговски центар и гледавме како гори“, изјавил Ирвуд.
Тој бил главниот во авионот кој прв го напуштил Њујорк кога летовите повторно биле воспоставени на 13 септември. Кога се качиле сите патници во авионот, некој се заканил со бомба.
„Сите мирно се евакуираа и излегоа на пистата. Во тој момент еден воен авион прелета над нас и ни го привлече вниманието“, се присетува Ирвуд.
Во авионот не била пронајдена експлозивна направа, а авионот подоцна продолжил по својата рута. Прелетал точно над местото каде што некогаш бил Светскиот трговски центар.
Текстот „Немој да се грижиш, тато, ако се случи нешто, ќе биде бргу“ – Сведоштво за нападот на 11 септември е превземен од Reporter.mk.