Рускиот опозиционен лидер Алексеј Навални изјавил дека еден од неговите соработници и активисти бил присилно регрутиран и однесен во војска во една од воздушните бази на Арктикот.
„Тоа претставува киднапирање и илегално затворање“, изјавил Навални.
Руслан Шавединов, раководител на проектот во Антикорупциската фондација Алексеј Навални, е приведен во понеделникот во својот стан во Москва. Руската опозиција тврди дека претходно му била разбиена вратата, прекината струјата, а мобилниот телефон му бил исклучен.
Шавединов во вторникот бил префрлен во далечна воена база на Нова Земја, архипелаг во Арктичкиот океан, на некои 2000 километри северно од Москва, на локација на една единица на противвоздушна одбрана.
Навални изјавил дека Шавединов, кој претходно се обидел да се ослободи од служење на воен рок, поради медицински причини, успеал да му се јави користејќи туѓ телефон. Во наредната година дена, нема да му биде дозволено да го користи неговиот мобилен телефон.
Шавединов му објаснил дека тој е под постојан надѕор. Навални ги обвини руските власти дека го киднапирале нивниот активист и изјавил дека нивните адвокатите ќе ја оспорат регрутацијата на опозиционерот. Тие тврдат дека тој е илегално киднапиран и затворен.
Полковник Маким Локтев, заменик на воениот комесар за Москва, за агенцијата „Тас“ изјавил дека Шавединов одамна ја избегнувал обврзувачката регрутација и дека судот во понеделникот ја одбил неговата жалба во која тој се повикувал на медицински причини.
Воениот рок од 12 месеци е обврзувачки за сите Руси од 18 до 27 годишна возраст, освен ако нема некакви медицински или други причини, кои би ги спречиле да служат воен рок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјавил дека најверојатно станува збор за легална постапка.
„Ако го избегнува регрутирањето, го крши законот на Руската Федерација. Ако е тоа случај, тогаш ваквиот начин на регрутација е во согласност со законот“, изјавил Песков.
„Ако ја избегнувал регрутацијата и е регрутиран на овој начин, тогаш сè е направено во согласност со законот“, изјавил Песков.
Текстот Опозицијата во Русија тврди дека нивен активист е киднапиран и однесен на Арктикот е превземен од Reporter.mk.