Уапсениот педофил, милијардер Џефри Епстајн e човекот кој ги запознал Доналд и Меланија Трамп, пренесува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори кои сакаат да останат анонимни.
Епстајн им се пофалил на бројни пријатели како успеал да му ја намести Меланија на Трамп, која подоцна станува трета сопруга на претседателот. Од Белата куќа ги негираат ваквите наводи и велат дека Трамп веќе подолг период нема контактирано со Епстајн.
Американскиот претседател и првата дама на САД досега во јавноста давале различна верзии за тоа како се имаат запознаено, а во нив не бил вклучен Епстајн.
Епстајн уапсен поради трговија со малолетнички
Откако Епстајн беше уапсен во понеделникот под обвинение дека тргувал со малолетнички за давање сексуални услуги, од Белата куќа тврдат дека Трамп му забранил на милијардерот да доаѓа во одморалиштето на Трамп Мар а Лаго. Забраната стигнала откако Епстај во 2007 година бил уапсен за сексуална злоупотреба на малолетничка.
Еден од лицата на кои им се пофалил Епстајн дека му ја наместил Меланија е и бизнисменот Џорџ Хурани, првиот човек на компанијата „Американ дрим ентерпрајз“. Во 1992 година Трамп организирал раскошна забава во одморалиштето на Трамп во Мар а Лаго на Флорида.
На забавата биле присутни 28 манекенки во костими за капење, а уште во тој период Хурани го предупредил Трамп за однесувањето на Епстајн кон помладите девојки.
„На забавата договорив да дојдат 28 девојки. Го прашав кој сè ќе присуства на забавата, а Трамп ми одговори дека ќе бидеме само ние тројца. Се изненадив затоа што мислев дека тоа ќе биде забава за ВИП-клиенти“, вели Хурани.
Тој го предупредил Трамп дека ќе мора да му забрани да доаѓа на настаните кои тој ги организирал.
„Му кажав дека одлично го познавам Епстајн и дека не можам да дозволам да биде со малолетнички. Трамп не беше премногу загрижен. Ми рече дека тој гарантира за него“, вели Хурани.
Хурани со години бил во врска со Џил Харт, девојката која го обвини Трамп дека сексуално ја вознемирувал. Ваквите обвинувања Трамп ги демантирал.
Исповед на една од жртвите на Епстајн, Џенифер Араоз
Една од жртвите на Епстајн Џенифер Араоз вели дека милијардерот ја силувал кога таа имала само 14 години. Араоз во интервју за NBC вели дека Епстајн ја нападнал откако таа го измасирала.
„Бев исплашена. Го молев да престане, но тој не сакаше“, изјавила Џенифер Араоз.
Араоз била ангажирана од милијардерот да го масира во неговиот дом во Менхетен. Додека го масирала Араоз вели дека била облечена само во долна облека.
„Имав само 14 години. Првиот пат беше фин и пристоен. Ме послужи со вино. Доаѓав двапати неделно да го измасирам. По секоја посета ми даваше по 300 долари“, вели Араоз.
Девојката вели дека не се чувствувала пријатно, затоа што полугола морала да масира постар маж. Вели дека се плашела да не го налути.
„По масажата ми кажа да се соблечам, а кога го одбив, на сила ме турна на масата. По силувањето, престанав да одам кај него и се отпишав од училиштето кое се наоѓаше во близина на неговата куќа“, изјавила Араоз.
Текстот Педофилот Епстајн ги запознал Меланија и Трамп е превземен од Reporter.mk.