На Крит е уапсен маж осомничен за убиство на американскиот научник Сузана Итон, молекуларен биолог која работела на познатиот Институт во Дрезден во Германија. Итон на грчкиот остров пристигнала од деловни причини. Таа била дел од научната конференција. Итон исчезнала на 2 јули, кога заминала да џогира.
Шест дена подоцна нејзиното тело било најдено во еден бункер направен во Втората светска војна. Во полицискиот извештај е наведено дека сексуалното злоставување е главниот мотив на нападот, пренесува „Би-Би-Си“.
Телото било во таква состојба што дури и полицајците се згрозиле кога пристигнале на местото на настанот, пренесуваат светските медиуми. Уапсениот е маж (27), локален жител, кој го признал нејзиното убиство, пренесуваат грчките медиуми.
Според вестите кои стигнуваат од Крит, осомничениот е оженет и татко на две деца. Телото на Итон било пронајдено на североисточниот дел од островот, а го откриле двајца мештани кои го забележале бункерот кој претставувал дел од тунели кои нацистите ги користеле за време на Втората светска војна, при окупацијата на Крит.
Бункерот е оддалечен 10 километри од местото каде последен пат е видена Итон. Иако е сместен во близина на патот, се претпоставува дека Итон е убиена на друго место и дека подоцна нејзиното тело е пренесено во бункерот. Итон зад себе ги остави сопругот, британскиот научник Ентони Хјуман и два сина.
Текстот Плицијата во Крит го уапси убиецот на Сузана Итон е превземен од Reporter.mk.