Русија сака да го продолжи веќе постоечкото партнерство кое го има со Американците за освојувањето на вселената, но доколку тоа не се случи, Русите веројатно ќе побараат помош од Кина, пишува „Њујорк Тајмс“.
Американската администрација, предложила по 2025 година да се прекине со соработката која ја имаат со Русите на нивниот најголем заеднички проект, Меѓународната вселенска станица.
Наместо тоа, НАСА има во план да изгради своја космичка станица во орбитата околу Месечината. Станицата би била наменета за тестирање на технологијата за идните можни мисии на Марс.
Весникот „Њујорк Тајмс“ укажува дека разговорите кои се водат меѓу Русија и САД, на темата меѓусебна соработка во вселената нема да бидат лесни и додава дека неодамнешниот дефект кој се случи на руската капсула „Сојуз“ само ги закомплицирало работите.
Во август, на надворешниот ѕид на руската капсула „Сојуз“, била забележана дупка од каде протекувал воздух. Сомнежот дека Американците имаат нешто со овој дефект, бил оправдан кај Русите, затоа што „Сојуз“ претходно бил поврзан со Меѓународната вселенска станица.
Во тој период, директорот на Руската космичка агенција Дмитриј Рогозин, изјавил дека се работи за акт на саботажа од страна на Американците. Руските медиуми шпекулирале дека веројатно американските космонаути намерно ја направиле дупката, информација која подоцна НАСА ја демантирала.
Дури и ако овој неразрешен мистериозен случај се тргне на страна, засега останува знак прашање колку во иднина би можела да трае соработката во вселената меѓу САД и Русија. Сепак останува да тлее непријателската атмосфера која ги опкружува нивните односи.
Рогозин изјавил дека Русија ги сака САД и нивните сојузници за иден партнер и да се продолжи со заедничките летови во вселената. Тој смета дека нивните вселенски програми треба да бидат поврзани, како симбол на коегзистенција и користење на науката во мирољубиви цели.
Според неговите зборови, би било погрешно да се влегува во ризички космички потфати без Русија. Руската техника во вселената би можела да биде еден вид на обезбедување и да послужи како резервен транспортен систем, во случај нешто на Месечината тргне наопаку.
Аналитичарите сметаат дека мотивот на Москва е тоа што нема пари за сопствена станица на Месечината, затоа што нивната вселенска програма изнесува околу десетина од американската.
Рогозин сепак вели дека ако договорите за руско-американската соработка за вселенската програма не продолжат, тогаш Русија би можела да се сврти кон Кина или Индија за такво партнерство.
„Кина нуди многу иницијативи за соработка, бара да им помогнеме во развојот, иако и самите веќе прилично напредувале“, изјавил РОгозин и додал дека Кинезите предлагаат изградба на заедничка вселенска станица со Русија. Тој дури ја споменал и идејата за вселенската станица напраена од земјите на БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина).
Рогозин во ноември ѝ наложил на Руската академија на науките, да изработи студија за можноста за самостојна руска програма и изградба на база на површината на Месечината.
Директорот на Институтот за вселенска политика во Москва, Иван Мојсејев, вели дека за Русија изградбата на станица на Месечината, е вистинска научна фантастика, со оглед на ограничениот буџет.
„Технички капацитети постојат, но не и финансики“, изјавил тој.
Текстот По 2025 година НАСА сака да ја прекине соработката со Русија е превземен од Reporter.mk.