Британскиот весник „Дејли мејл“ ги објави мрачните тајни на семејството на кралот Џорџ V. Весникот ги објави белешките на авторот Џејмс Пејп Хенси, којшто детално ги запишувал сите пикантерии, однесувањето на членовите на кралското семејство и одвратните работи што тие ги правеле.
Џејмс ги забележал сите интересни моменти, особено оние во деновите што ги минал со абдицираниот крал Едвард VIII, синот на кралот Џорџ V. Едвард со неговата сопруга Волис Симпсон во Париз му ги раскажал сите непријатни моменти кои ги имал со неговиот татко, кралот Џорџ V, и неговата мајка, кралицата Мери.
Џејмс забележал дека дел од членовите на кралското семејство биле многу ладни луѓе. За жал, на почетокот исфрлил некои од најинтересните и најконтроверзни детали знаејќи дека нема да поминат низ цензурата. Официјалните биографии на кралското семејство често минувале низ рацете на голем број цензори, кои ги отстранувале сите компромитирачки детали.
Вдовицата на кралот Џорџ V, кралицата Мери, починала во 1953 година, а по шест години била објавена нејзината биографија, од страна на авторот Џејмс.
Џејмс детално ги интервјуирал членовите на кралското семејство, некогашните вработени и нивните блиски пријатели. Сега конечно истите се објавени од страна на „Дејли мејл“.
„Војводата од Виндзор, Едвард VIII, на прв поглед беше многу поделикатен од тоа што ме убедуваа на почетокот. Не изгледаше како кукла поставена во излог, туку како личност со сосема нормални пропорции. Ги имаше очите на татко му, а се чини дека ги наследил и неговите гестикулации и манири. Пиеше млеко што војвотката го нарекла ‘млеко за чир’“, пишува Џејмс.
„Морам да напоменам дека неговата сопруга Волис Симпсон во суштина беше глупава жена, со малку мозок и многу добра волја и жестока концентрација. Волис покажуваше неверојатни манири на Американка. Беше вистинска Американка од југот. Понекогаш во нејзиниот дом се чувствував како да сум во Монгомери, во Алабама, само фалеше мов во собите. Таа беше една од најнеобичните жени кои некогаш сум ги запознал. Целата беше рамна со забележливи агли. Како фигура направена за некоја средновековна игра со карти. Нејзините рамења беа мали и високи. Имаше монументално голема глава и секогаш два исти изрази на лицето. Израз на исчекување или на одобрување. Огромни вени ѝ беа ишарани околу очите. Имаше големи усни и канибалски заби. Огромната уста ја стискаше единствено кога ќе ѝ се споменеше името на нејзината нималку драга кралица Мери“, пишува Џејмс.
Џејмс сепак за Волис напишал дека била неверојатно драга и позитивна личност. Но, сепак била разочарана од голем број луѓе околу неа. Куќата во која живеела била преполна со убави бои, идеи и ситни украси. Луксузот ѝ бил важен. Одајата на кралицата Маргарет во Кларенс Хаус во Лондон личела на скромна хотелска соба во споредба со таа што ја имала Волис.
Џејмс напишал дека кралот Едвард VIII и неговата сопруга Волис имале четири кучиња и дека на едното му го дале името Питер Таузенд, по името на пилотот за кој тогашната принцеза Маргарет (сестрата на денешната кралица Елизабета II) сакала да се омажи.
„Мојата мајка го мразеше селото. Секогаш за себе говореше дека е градска девојка. Патувањата во замоците Сандрингам и Балморал ѝ претставувале голем напор. Кралот бил неверојатно груб кон неа, па во голем број наврати таа станувала од масата“, му раскажал Едвард на Џејмс.
„Мојата мајка беше сосема друга личност кога тој не беше покрај нас. Постојано пиевме чај, иако Волис го мразеше. Но и покрај тоа Волис непрекинато ми долеваше од чајот“, раскажал Едвард.
Едвард раскажал и дека му е жал што тогашните девојчиња Елизабета (денешната кралица) и Маргарет пораснале во опкружување на луѓе кои не биле во состојба често да носат облека соодветна за нив. Или им била преголема или неиспеглана. Сепак, вели дека девојчињата носеле најдобра облека, најубави чевли, кратки фустани и драгоцености.
Кога му ги раскажувал деталите од неговиот живот на Џејмс, Едвард особено се задржал на моментот кога ја молел кралицата Мери да не ја прогласува неговата абдикација преку радио.
„Таа никогаш не ја разбираше мојата ситуација, затоа што не беше заљубена во мојот татко. Не беше заљубена во мојот татко како јас што бев заљубен во Волис“, му велел Едвард на Џејмс.
„Сите тие документи, кога подоцна би се објавиле, би дале комплетна слика за хаосот на абдикација. Смртно сериозните преписки на министрите со моите роднини и членови на кралското семејство. Советите од пријателите. Сето тоа е затворено во лимена кутија со кралски жиг. Не било дозволено да се отворат. Мојата мајка во сите тие записи сега би била опишана како морална кукавица“, раскажал Едвард.
Тој вели дека неговата мајка не сакала да разговара за ништо. Секогаш избегнувала каква било дискусија.
„Додека ручавме со мојата сопруга Волис, пастрмка полнета со бадеми, ѝ подарив една индијанска играчка. Веднаш ми рече дека ќе патува за Картија и дека ќе направи иста таква копија од оваа играчка од злато и корал. Беше неверојатна жена. Навечер се собиравме заедно за вечера и коктели. Волис и јас седевме на аголот во собата, а таа не се срамеше да ни зборува за тоа дека се однесуваме лошо, одвратно и ладно кон неа“, пишува Џејмс.
Текстот Принцот Едвард VIII ја молел својата мајка да не ја објавува неговата абдикација е превземен од Reporter.mk.