Русија го подмитила Блатер и го купила Мундијалот, обвинува САД

Американското министерство за правосудство објавило извештај од истрага на Федералното американско истражно биро, ФБИ, кое покажува дека Русија го подмитила претседателот на ФИФА Сеп Блатер за да ја добие организацијата на Светското првенство во фудбал кое се одржа во 2018 година.

Русија на гласањето ја победи Англија, која имаше здружена понуда со Холандија и Белгија од една страна и Шпанија и Португалија од друга. Во извештајот направен на 430 страници, кој бил дел од истрагата на ФБИ за влијанието на претседателските избори во Америка во 2016 година, се тврди дека руските олигарси со мито го купиле Мундијалот. Дел од извештајот е истражување на припадниците на британската тајна служба Кристофер Стил.

„Во јуни 2011 година, Стил поднел извештај во кој ги навел наводните разговори на тогашниот руски претседател Дмитри Медведев и премиерот Владимир Путин, во кој самиот Путин признал дека неименуван руски олигарс, со мито го купил Светското првенство во 2018 година. Потоа во 2012 година, Стил ги запознал службите во ФБИ со двајца британски оперативци кои имале информации за подмитувањето. По разговорите успеале да дојдат до членови на организацијата блиска до Путин и Кремљ, кој потврдил дека Светското првенство било купено“, пишува во документот кој го објавил Американското министерство за правосудство.

Иако во извештајот не е наведено директно името на Сеп Блатер, туку на „поранешниот претседател“, јасно е дека станува збор за него, затоа што во тој момент, Блатер беше претседател на ФИФА. Блатер подоцна поради корупција си заминал од тоа место и добил шест години забрана за работа во фудбалот.

Нападот на Америка врз Русија се слуува само еден ден откако Русија заработи казна со која и е забранет настап на нејзините спортисти на големите натпреварувања поради скандалот со допинг.

 

Текстот Русија го подмитила Блатер и го купила Мундијалот, обвинува САД е превземен од Reporter.mk.