Французинката Марсел Навратил неколку години по потонувањето на Титаник успеала да ги најде своите изгубени деца, близнаците Мајкл (4) и Едмонд Јуниор (2). Кога децата стигнале во САД никој не можел да го утврди нивниот идентитет затоа што нивниот татко Мајкл ги запишал под лажни имиња Луис и Лола.
Мајкл во тоа време се разведувал од Марсел. Иако добил дозвола да ги земе децата во САД, тој не сакал да ризикува и да има проблеми со француската полиција, па се обидел на нелегален начин да се качи на бродот.
Тој загинал во несреќата, но пред да се удави успеал децата да ги смести во еден од чамците за спасување. Мајкл и Едмонд станале вистинска сензација кога стигнале во САД. Иако ја преживеле несреќата, никој не можел да го утврди нивниот идентитет. Ги нарекле „сирачињата од Титаник“.
Децата привремено биле сместени во домот на Маргарет Хајс, една од преживеаните жени во несреќата. Во меѓувреме американските власти се обиделе да најдат некој нивен близок роднина, но поради лажните имиња, тоа речиси било невозможно. На прашањата на францускиот конзул во САД, децата одговарале само со oui.
Мајкл и Едмонд повеќе биле заинтересирани да си играат со новите играчки кои им ги дале, отколку да ги пронајдат нивните родители, пишувале тогашните весници.
Медиумите во тој период одиграле клучна улога во откривањето на идентитетот на децата. Во меѓувреме мајка им Марсел разбрала дека нејзиниот поранешен сопруг загинал, но очајно се обидувала да дознае што се случило со нејзините деца. Приказните од Америка почнале да се шират во Европа.
Марсел во весниците видела фотографија од Мајкл и Едмонд. Кога успеала да го докаже нивниот идентитет со првиот брод тргнала за Њујорк, каде и биле децата.
Текстот Сирачињата од Титаник: Приказната за мајката која ги пронајде изгубените близнаци е превземен од Reporter.mk.