Светот сè побрзо се доближува до критичната точка на ширењето на коронавирусот, тврдат експертите и предупредуваат дека болеста е побрза од напорите да се сузбие истата, откако епидемијата стигна и до Италија и Иран. Тамошните власти воведоа ограничување на патувањата, додека јужнокорејскиот претседател прогласи „црвен аларм“, пишува „Гардијан“.
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебрејесус, порача неодамна дека меѓународната заедница мора брзо да делува, додека можностите за акција не стигнат до самиот крај. Во светот досега има речиси 78.000 заболени од „Ковида-19“, а експертите велат дека ситуацијата ќе го достигне критичниот праг.
Во единаесет северни италијански градови, 50.000 луѓе се затворени од петокот вечерта. Полицијата патролира низ улиците, а ги казнува сите оние кои ќе се обидат да влезат или излезат од заразените подрачја. Во Иран властите наредиле затворање на школите и универзитетите во 14 провинции како превентивна мерка.
Во Јужна Кореја во неделата е воведен црвен аларм, откако се пријавени шест смртни случаи и преку 600 инфекции. Четворица од 32 британски и ирски патници од крузерот „Дајманд принцес“, кои се вратени во Велика Британија во саботата, се позитивни на новиот вирус, со што бројот на заразени во таа земја пораснал на 13 лица.
Пол Хантер, професорот по медицина од Универзитетот во Источна Англија, изјави дека времето за задржување на епидемијата истекнува.
„Генералниот директор на СЗО неодамна говорел за сузбивање на можностите за контрола на моменталната епидемија. Точката на пресврт по која ќе се спречи наше понатамошно делување и способност да ја спречиме пандемијата е многу поблиску, отколку пред 24 часа“, изјавил Хантер.
Иако опаѓа бројот на заразени во Кина и местото Вухан, од каде вирусот се појави за првпат, овој викенд дојде до загрижувачки развој на настаните на други места низ светот. Хантер укажа дека порастот на случаи на зараза во Јужна Кореја е без преседан.
„Идентификацијата на големи групи на случаи во Италија е голема грижа за Европа и можеме да очекуваме дека ќе има уште идентификувани случаи во следните неколку дена“, додал тој.
Хантер исто така рекол дека ситуацијата во Иран може да има големи последици на Блискиот Исток.
„Дополнителен проблем за случаите во Иран се вооружените конфликти во регионот“, истакнал тој. Доктор Робин Томпсон, истражувач од Универзитетот на „Оксфорд“, укажал дека бројот на случаи во Италија е удвоен во периодот меѓу петокот и саботата.
„Тоа е важна фаза во епидемијата на коронавирусот. Брзата изолација на поблаги случаи во погодените места е важна за спречување на значителниот пренос на болести во Европа. Клучно е да се следат инструкциите на здравствените власти“, изјавил Томпсон.
Седум лица починале од новиот коронавирус во Италија, а пријавени се 219 случаи на зараза, главно во градот Кодоњо, 65 километри југоисточно од Милан. Во Иран се забележани осум смртни случаи, што е најголемиот број надвор од Кина. Вкупниот број на заразени е 43, од кои четворица се заболени во Техеран, седум во Кому, две во Гилан, а по една личност во Маркази и Тонекабор.
Пакистан ја затвори својата граница со Иран, додека Авганистан соопшти дека се суспендирани патувањата во таа земја. Турција ги затвори своите граници, додека Јордан нема да дозволи влез во земјата на граѓаните од Кина, Иран и Јужна Кореја, како и други странци кои доаѓаат од тие земји. Што се однесува до Јужна Кореја, од 123 нови случаи на зараза, дури 75 се поврзани со сектата Шинчеонџи во градот Тегу, четврта по големина во земјата.
Во домашен карантин се ставени повеќе од 9.000 членови на сектата. Кинескиот претседател Шји Џјипинг во неделата повика на дополнителни напори за да се спречи епидемијата, да се оживее индустријата и да се спречи болеста да направи штета на пролетните посеви. Тој изјави дека епидемијата и понатаму е комплексна и го бранеше реагирањето на Комунистичката партија на болеста како правовремено и ефективно.
„Превенцијата и контролата се сега во најкритична фаза“, истакнал Шји, пренесува „Гардијан“.
Текстот Светот сè побрзо се доближува до критичната точка на ширењето на коронавирусот е превземен од Reporter.mk.