(Видео) Кралицата не сака да му помогне на Асанж

Британската кралица Елизабета Втора не сака да интервенира во судскиот процес на Џулијан Асанж и да го ослободи од сите обвиненија. Денеска почна судскиот процес во Лондон за основачот на „Викиликс“, на кого му се заканува испорака на властите во САД.

Од Бакингемската палата официјално потврдија дека Елизабета Втора нема да се меша во овој случај, затоа што во прашање е политичка работа. Кралицата официјално сака да се држи подалеку од политичките прашања и досега се нема огласено по ниту една важна тема.

Реакцијата од Бакингемската палата следеше откако познатиот активист Крис Лонсдејл минатиот месец испратил писмо до кралицата Елизабета Втора, во која од неа побарал Асанж да биде ослободен од затвор, затоа што тоа е во духот на правдата, мирот и искреноста.

Асанж во моментов се наоѓа зад решетки во британскиот затвор Белмарш. Него го очекува судење за испорака во Америка, каде е обвинет за објавување на повеќе од десетина илјади доверливи дипломатски ноти.

„Нејзиното височество ќе продолжи стриктно да се придржува до правилата и да не се меша во политичките прашања и затоа престојот на Асанж во затвор не е нешто поради кое кралицата би интервенирала“, е наведено во соопштението од Бакингемската палата.

Изолација и злоупотреба

Придржувачите на Асанж од самиот почеток тврдат дека неговото затворање е мотивирано од политички причини, а не заради правда. Основачот на „Викиликс“ е зад решетки откако минатиот април беше уапсен во Амбасадата на Еквадор во Лондон, поради кршење на одредбата за кауција.

Тој од 2012 година се криеше во зградата на амбасадата откако одбил да се појави на судењето по повод обвинувањата за силување во Шведска. Во меѓувреме шведските власти се откажаа од овој случај, но барањето за испорачување на Асанж во Америка остана. На Асанж сега му се заканува 175 години казна затвор.

Во центарот на внимание на јавноста се најде и неговото здравје. Во мај минатата година во затворот Асанж беше посетен од Нилс Мелцер, известувач од Обединетите нации за човекови права, кој изјави дека основачот на „Викиликс“ покажува симптоми типични за некој кој е долго изложен на психолошка тортура.

„Во својата кариера, која трае 20 години, имам работено со жртви од војната, насилство  и политички прогон. Никогаш досега не видов група на демократски држави, кои се здружени заради намерна изолација, демонизирање и злоупотреба на една личност на толку долг временски период и со толку мал обзир кон нејзиниот човечки дигнитет и владеење на правото. Колективниот прогон на Џулијан Асанж мора да заврши сега и овде“, изјавил Мелцер, по посетата на Асанж во затворот во Лондон.

 

 

Текстот (Видео) Кралицата не сака да му помогне на Асанж е превземен од Reporter.mk.