Норвешки научници откриле за 100.000 пати зголемено ниво на радијација во водите во Норвешкото Море каде пред 30 години потона руската нуклеарна подморница „Комсомолац“.
Експертите од истражувачкиот брод G.O.Sars земале примероци од вентилацониот отвор покрај реакторот на подморницата. Руско-норвешкиот екипаж за време на направените мерења користел беспилотна подморница Egir 6000.
Раководителот на експедицијата, Хилда Елиза Хелдал, изјавила дека покажаните мерења засега се прелиминарни и дека треба внимателно да се проучат. Според нејзино мислење, радијацијата не е закана по риболовот во регионот.
Таа вели дека нивото на радијација се покажало зголемено од периодот кога руските научници го забележале во 2007 година. Подморницата која потонала пред 30 години лежи на дното на океанот, на длабичина од 1700 метри.
На 4. август 1984 година советската нуклеарна подморница К-278 „Комсомолец“ се спуштила на рекордна длабочина од 1.027 метри во Норвешкото Море.
На длабочина од 800 метри подморницата испукала неколку торпеда. Никој претходно, а ни потоа не направил нешто такво. Дури и денес подморниците не одат подлабоко од 600 метри.
„Комсомолец“ е единствената подморница од класата „Плавник“. Задачата да се направи подморница која може да се спушти на екстремни длабочини ја поставила советската власт во 1966 година. Потребни биле години да се конструира вакво пловило, а проектот конечно бил реализиран во 1978 година.
Конструкторите користеле титаниум за да добијат лесен и цврст труп. Подморницата К-278 во 1984 година била подготвена за акција и пред сѐ се користела за експерименти.
Тестирањето покажало дека Советскиот Сојуз има уникатна подморница која нема пандан во светот. Можела да изврши напад врз непријателот, а притоа да избегне одмазда.
Но, проектот имал трагичен крај. На 7 април 1989 година во еден сектор од подморницата избил пожар. Подморницата успеала да се извлече на површината, но не можела да дочека да дојдат на помош други бродови.
Екипажот минал повеќе од еден час во студените води на Норвешкото Море. Четриесет и двајца од 69 членови на екипажот умреле, главно поради хипотермија.
Причината поради која оваа врвна подморница била зафатена од пожар е во нејзината технолошка сложеност. Според мислењето на поранешниот морнарички офицер Сергеј Топчиев, екипажот не бил квалификуван да работи со софистицираната технологија на подморницата.
Екипажот на „Комсомолец“ не реагирал добро на кризата и подморницата завршила на морското дно. Истрагата за оваа трагедија завршила во 1998 година, но не е откриен виновникот, ниту дефинитивната причина за избивањето на пожарот.
Москва и Осло го истражуваат ова подрачје со години. Научниците во периодот од 1991 година до 1993 година констатирале протекување на реакторот на подморницата.
Големата длабочина им отежнала во извршувањето на истражувањата, но научниците и понатаму велат дека ситуацијата ја имаат под контрола.
Текстот За 100.000 пати е зголемена радијацијата околу руската подморница што потона пред 30 години е превземен од Reporter.mk.