Следното предавање од Циклусот на Скопско Астрономско Друштво, во четврток, на 29. ноември (почеток 20 часот) ќе го одржи Кимет Јусуфи, докторант по теориска физика на Иститутот за физика при Природно-математички факултет, млад гостиварчанец кој зад себе веќе има десетици научни трудови кои обработуваат теми поврзани со теориите на релативитет, црните дупки, астро-честичките и космологијата.
За предавањето: Црните дупки се предвидени од теоријата на релативност, а основна карактеристика на таквите објекти е присуството на хоризонтот на настани. Долго време се сметаше дека црните дупки се само еден математички куриозитет и ништо друго, меѓутоа со тек на време се добиени поголем број на астрономски набљудувачки резултати, па така се повеќе и повеќе станува јасно дека таквите објекти се присутни во природата. Во контекст на класичната теорија на релативност, како основна карактеристика на хоризонтот на настани е дека од внатрешноста на црните дупки ништо не може да избегне, па дури ни светлината. Во 1975 година, Стивен Хокинг покажа дека црните дупки треба да зрачат честички и Хокинг пресмета дека температурата на црните дупки е обратно пропорционална со масата на црната дупка. Наскоро, беше покажано дека Хокинговата температура зависи од три параметри: масата на црната дупка, електричниот полнеж, како и аголниот момент на црната дупка.
И оваа година, Скопско Астрономско Друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.
Распоредот на предавања е следен:
- Живот на Марс
- Мисијата Касини
- Темниот Универзум
- Космологијата низ вековите
- Теорија на струни
- Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
- Црни дупки
- Ајнштајновите теории на релативитет
Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.
Текстот Астрофизички црни дупки и Хокингово зрачење – Продолжува циклусот на Скопско астрономско друштво е превземен од USB.mk.