Првата капсула „Хиперлуп“ дизајнирана за превоз на патници со брзина од 1.000 километри на час се појави во јавноста навестувајќи како би изгледала иднината на патувањето.
„Хиперлуп“ е мегабрза, најсовремена технологија за транспорт, првично замислена од контроверзниот бизнис-магнат Илон Маск уште во 2013 година. Основачот и првиот човек на „Тесла моторс“ првичната идеја ја замислил како брза воз-капсула која патувањето од Лос Анџелес до Сан Франциско (многу фреквентна линија на превоз во САД со дистанца од 600 километри) ќе го скрати од шест часа со автомобил на само 30 минути.
Станува збор за концепт сличен на оној што се користел во минатото од затворен систем на цевки, но во модерната варијанта би транспортирал капсули со патници или, пак, со товар, кои ќе достигнуваат брзини на движење и над 1.000 километри на час, што се поголеми од просечните брзини со кои летаат авионите.
„Хиперлупот“ функционира со создавање низок притисок внатре во цевката, од каде што воздухот ќе биде извлекуван со моќни вентилатори. Тој низок притисок ќе ѝ овозможи на капсулата полна со патници да движи од една точка до друга со многу големи брзини – исто како што и авионот може да патува побрзо на голема надморска височина, со многу малку енергија.
Таа е дизајнирана да ги пренесува луѓето низ челични цевки со низок притисок со брзина за да одговара на типичен патнички авион. Неколку компании се натпреваруваат да бидат првите што ќе го направат реалност концептот за „Хиперлуп“.
Елегантната капсула беше откриена во Пуерто де Санта Марија, Шпанија, во близина каде што беа изградени воздухопловните објекти на Airtificial, партнер на HyperloopTT.
Изградена како авион без крила, целта на „Хиперлуп“ е трајно да го смени начинот на кој се патува на долги дестинации. Во моментот се развиваат неколку рути за „Хиперлуп“ во Кина, Шпанија и во Франција. Првата капсула „Хиперлуп“, наречена Quintero One, е изработена од двослоен материјал дизајниран да биде екстра еластичен.
Текстот Авион без крила – технолошко чудо што ја навестува иднината на патувањето е превземен од USB.mk.