Австралиецот Џејми Стаф поминал 4 години занимавајќи се со својот проект кој го започнал како хоби – изработка на реплика на филмскиот Терминатор Т-800 во природна големина.
Скелетот, изработен од рециклиран алуминиум, тежи над 130 килограми и е составен од 500 делови кои сочинуваат 230 подвижни “коски и зглобови”. Целиот скелет го зацврствуваат 280 штрафови, а тука се и 60-те цевки како и акрилните заби.
За инспирација, секако, му послужиле филмовите Терминатор 1 и 2, но оваа реплика не е целосно верна на филмскиот Терминатор. Таа ги “позајмува” деловите од двете филмски верзии и е плод на имагинацијата на самиот автор.
Мотивацијата на Џејми за изработка на нешто вакво е чиста забава. Тој вели дека целта му била да има реплика од Терминатор во својата “машка пештера”, па затоа одлучил сам да ја направи. Како основна референца му послужил моделот изработен од смола кој стоел во складиштето на уште еден ентузијаст од Австралија, па според некои делови од него настанале калапите за овој алуминиумски киборг. Секој дел е рачно изработен, од лиење до полирање на секој дел до висок сјај.
Кога станува збор за вредноста, авторот вели дека не може да процени колку би можела да вреди целата работа, ниту колку пари вложил во изработката.
Џејми вели дека можно е да се набави хроминирана реплика од Терминатор, изработена од смола за околу 10.000 долари, но дека таа не е од метал ниту може да се поместува, па според тоа може да се заклучи дека оваа реплика би вредела многу повеќе.
Сепак, овој австралиски ентузијаст не ни размислува на нејзина продажба.
Извор: B92.net
Текстот Австралиец сам направил сопствен Терминатор (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.