Австралиската војска ќе се приклучи на новата вселенска трка во време кога вселената сè повеќе станува област на борби за превласт, пренесува „Радио Нов Зеланд“.
Главниот маршал на Кралските австралиски воздухопловни сили (РААФ), Лео Дејвис, вели дека уникатната географија на земјата е совршено приспособена за да игра поголема улога, истовремено признавајќи дека Австралија заостанува зад светските суперсили во вселенскиот натпревар.
Дејвис предвидува дека РААФ ќе направи значителна инвестиција во вселената во следните дваесет години. Австралиската влада предвидува дека до 2030 година националната вселенска индустрија ќе претставува околу 12 милијарди долари за економијата.
Минатата година беше формирана и Австралиската вселенска агенција.
Дејвис ги коментираше шпекулациите дека Канбера ќе лансира голем воен сателит, велејќи дека е малку веројатно дека такво нешто ќе се случи во блиска иднина.
Неодамна австралиските Сили за одбрана почнаа два проекта чија цел беше формирање фондација за поддршка на воениот вселенски простор.
Еден од проектите, наречен DEF-799, ќе ѝ овозможи на армијата директен и навремен пристап до комерцијалните сателити за снимање и ќе се здобие со нови капацитети за разузнавање, надзор и извидување во вселената. Трошоците за проектот се проценуваат на околу 355 милиони долари.
Вториот проект, JP-9102B, ќе развие сателитски комуникациски системи со користење вселенски алатки.
Дејвис рече дека австралиската војска не планира да создаде сопствена верзија на вселенските сили, како што неодамна го стори американскиот претседател, Доналд Трамп.
Текстот Австралија ќе ја прошири воената активност во вселената е превземен од USB.mk.