Астрономите од УНЈВ (Универзитет во Нов Јужен Велс) покажаа дека бинарните ѕвезди – две ѕвезди во орбита една околу друга – покрај тоа што зрачат светлина, тие и одбиваат светлина, откривајќи нови начини за детектирање на бинарни ѕвезди.
Една од првите работи кои ги учиме во астрономијата е тоа дека некои тела (како Сонцето и другите ѕвезди) произведуваат своја светлина, додека други тела (како Месечината и планетите) се видливи бидејќи ја рефлектираат светлината од Сонцето.
Но дали Сонцето и другите ѕвезди одбиваат светлина која паѓа врз нив?
Ова е прашање за кое научниците од УНЈВ Сиднеј и Западен Сиднеј сакаа да го дознаат одговорот, кое всушност и не е многу проучено од астрономите.
Во нивниот научен труд објавен во Nature Astronomy, истражувачите покажаа дека ѕвездите всушност рефлектираат светлина која може да биде навистина корисна алатка во полето на астрономијата.
Ѕвездената рефлексија е најважна при блиските бинарни системи каде две ѕвезди орбитираат една околу друга. За ваквите бинарни системи сметаме дека се прилично зачестени, односно мислиме дека повеќето ѕвезди во универзумот имаат бинарни сопатници.
Научниците ја изучуваа светлата ѕвезда Spica (Alpha Virgins) – бинарен систем, составен од две топли ѕвезди кои орбитираат една околу друга со период од само 4 дена. Тие заклучија дека светлината од ѕвездата е поларизирана на променлив начин кој се менува во зависност од движењето на ѕвездите низ нивните орбити.
Д-р Даниел Котон, еден од истражувачите од УНЈВ вклучени во истражувањето за бинарни ѕвезди, сликан во опсерваторијата на УНЈВ. Заслуги: УНЈВ
Проф. Џереми Бејли од Одделот за физика при УНЈВ вели дека вообичаено светлината која доаѓа од ѕвезда не е поларизирана, односно светлината осцилира на повеќе од една рамнина. Но кога светлината се одбива од друга ѕвезда, таа се поларизира, осцилирајќи низ една рамнина.
Тој вели дека ова поларизирање е многу слично како и кога светлината се одбива од некоја водена или стаклена површина, па со помош на поларизирачки очила го намалуваме отсјајот.
„Утврдивме дека количеството на поларизирана светлина кое го набљудувавме се совпаѓа со претпоставките од моделот за рефлектирана светлина,“ изјави проф. Бејли.
„Нашиот модел покажа дека ѕвездите се многу лоши кога е во прашање одбивањето на светлина. На пример, Сонцето одбива помалку од 0.1% од светлината која паѓа врз истото.“
„Сепак, кога се во прашање пожешките ѕвезди, како оние од Spica, со температури од 20 000 до 25 000 Келвини, количеството на рефлектирана светлина се зголемува за неколку проценти. Но дури и кај овие ѕвезди, вкупното количество на рефлектирана светлина е многу мало.“
Според проф. Бејли, ова откритие е од голема важност бидејќи ќе им овозможи на астрономите да ги мерат својствата на ѕвездите за кои претходно не било лесно да се проучуваат како поединечни ѕвезди.
„Ова откритие претставува начин за детектирање бинарни системи кои не може да се детектираат со други методи (особено бинарни системи кај кои нивните орбити се свртени директно кон нас) , но и начин за одредување на масите на бројни бинарни системи за кои до сега тоа било невозможно,“ вели тој.
„За ѕвездите кои во непосредна близина немаат извор на светлина (не се дел од некој бинарен систем) е невозможно да го измериме малото количество на светлина кое тие го одбиваат.“
Проф. Бејли додава дека она што го овозможува набљудувањето на рефлектирана светлина е фактот дека светлината е екстремно поларизирана и може да се измери со исклучиво осетливи астрономски полариметри кои ги развил тој и неговите колеги од УНЈВ.
„За ова истражување користевме три различни телескопи, вклучувајќи ја и опсерваторијата на УНЈВ. За најголем дел од набљудувањата користевме мал телескоп од 35cm,“ вели тој.
По ова откритие, професор Бејли, заедно со неговите истражувачи, ги тестираат нивните техники на други бинарни системи и убедени се дека техниката со поларизирање може да понуди нови можности за изучување на бинарните ѕвезди.
„Очекуваме оваа техника да работи подобро со потоплите ѕвезди и може да се користи за барање на бинарни системи кои не може да ги детектираме со други методи,“ изјави тој.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: Astronomija.mk / phys.org
Текстот Бинарните ѕвезди рефлектираат светлина една од друга е превземен од USB.mk.