Eксперт на ОН: На светот му се заканува „климатски апартхејд“

Специјалниот известувач на ОН за екстремна сиромаштија, Филип Алстон, предупреди за можноста за појава на „климатски апартхејд”, каде што богатите луѓе ќе можат да платат за да избегнат глад, додека остатокот од светот ќе страда поради климатските промени.

Алстон ги критикуваше чекорите преземени од страна на телата на ОН како „очигледно несоодветни”, нагласувајќи дека дури и ако се исполнат сегашните задачи, милиони луѓе ќе бидат осиромашени, јави Би-Би-Си.

Извештајот на Австралијанецот, предаден на Советот за човекови права на ОН, предупредува дека најсиромашните во светот најмногу ќе бидат погодени од зголемените температури и потенцијалниот недостиг на храна и конфликти што би можеле да ги придружуваат таквите промени.

Тој најавува дека земјите во развој ќе претрпат најмалку 75 проценти од трошоците за климатските промени, и покрај тоа што сиромашната половина од светското население „произведува“ само 10 проценти од емисиите на штетни гасови.

„Оние кои најмалку придонеле за емисиите на штетни гасови ќе страдаат најмногу”, наведува Алстон, додавајќи дека ефектите би можеле да го поништат 50-годишниот напредок што е направен во намалувањето на сиромаштијата.

Текстот Eксперт на ОН: На светот му се заканува „климатски апартхејд“ е превземен од USB.mk.