Извршниот директор на Tesla и SpaceX, Елон Маск предвидува дека кинеската економија на крајот ќе ги надмине Соединетите Американски Држави барем двапати.
„Она што ќе изгледа прилично чудно е дека кинеската економија веројатно ќе биде барем двојно поголема од економијата на Соединтетите Држави, можеби и три пати поголема“, изјави овој американски милијардер за време на разговорот со генерал-полковник Џон Томпсон на Симпозиумот за воздушни сили во Орландо на Флорида.
САД во моментов се најголемата светска економија, со 21,44 трилиони долари номинален БДП, што е четвртина од светската економија. Меѓутоа, Кина е брзорастечка економија со БДП од 14,14 трилиони долари, според податоците на Nasdaq.
Бидејќи Кина има околу 4 пати повеќе население од Соединетите држави, Маск изјави дека ова ќе ја намали бариерата на Кина за економско надминување на САД. Според американскиот попис, во Соединетите Држави живеат околу 330 милиони луѓе, додека во Кина живеат повеќе од 1,3 милијарди.
Опасност од заостанување
„Ако БДП по глава на жител би бил половина од оној на Соединетите Држави, нивната економија ќе стане двојно поголема од нашата“, изјави Маск.
За време на разговорот со Томпсон, Маск во повеќе наврати ја потенцираше важноста на иновациите во Соединетите Држави за државата да ја одржи конкурентската предност.
Кога станува збор за вселената, Маск изјави дека Америка е во опасност да заостане.
За да ги охрабри иновациите, Маск повика на поголема индустриска конкуренција и конкретно се осврна на најскапиот систем на оружје во Пентагон. Поточно, тој изјави дека авионите F-35 на компанијата Lockheed Martin би требало да имаат конкуренција, а дека таа конкуренција треба да биде беспилотно летало.
Додаде дека времето на воените авиони поминува и дека иднината на војните им припаѓа на дроновите, односно беспилотните летала.
Извор: Bankar.me
Текстот Елон Маск: Кинеската економија ќе биде двојно поголема од американската е превземен од USB.mk.