Водата за прв пат е откриена во атмосферата на егзопланетата со температури каде што би можело да има одржлив живот, велат научниците.
Со осум пати поголема маса од Земјата и двојно поголема, планетата К2-18б кружи околу својата ѕвезда, а водата на оваа планета може да постои во течен облик, пренесува “Nature Astronomy”.
„Во потрагата по знаци на живот, оваа планета е најдобриот кандидат кој го имаме надвор од Сончевиот систем. Засега не можеме да претпоставиме дали има океани на површината, но тоа е реална можност“, изјави Џована Тринети, астрономка од Универзитетот во Лондон за новинската агенција “AFP”.
После повеќе од 4 илјади откриени егзопланети до денес, ова е првата планета за која се знае дека има комбинација на карпеста површина и атмосфера со вода. Повеќето егзопланети со атмосфера се џиновски „топки гас“, а се чини дека бројните карпести планети кои досега се откриени, или немаат воопшто атмосфера, или пак доколку имаат, повеќето од нив кои се слични на Земјата се предалеку од своите ѕвезди за да имат течна вода, или се преблиску, па водата испарува.
Дали Земјата е единствена?
Планетата К2-18б е откриена во 2015-та година и припаѓа на категоријата „суперземји“. Во таа категорија се наоѓаат планети поголеми од Земјата, но помали од големите гасни планети. Сите ги има откриено вселенското летало „Кеплер“ на „НАСА“, а се очекува во идните вселенски мисии да се откријат уште стотина такви планети во следните децении.
„Пронаоѓањето на вода на потенцијално населива планета е неверојатно возбудливо. К2-18б не е „Земја 2.0“. Меѓутоа, тоа не приближува кон одговорот на прашањето – дали Земјата е единствена?“, изјави Ангелос Циарас, научник кој го водеше истражувањето.
Извор: Zimo.hr
Текстот Епохално откритие: Научниците пронајдоа вода на планета слична на Земјата! е превземен од USB.mk.