Ерата на електрични авиони е поблиску од што можете да замислите

Британската нискотарифна авиокомпанија Easyjet се подготвува до 2027 година целосно да го замени класичното гориво со струја. Оваа компанија започна соработка со Wright Electric за производство на електрични авиони за комерцијални летови кои можат да летаат на далечина поголема од 480 километри.

„Планираме да воведеме електрични авиони до 2027 година. Доаѓам од време кога електричните авиони беа само луда фантазија, но сега времето се смени и тие се блиску до станување реалност“, изјави раководителот на компанијата, Гери Смит.

Од компанијата порачуваат дека електричните летови полека стануваат возможни и се веќе на дофат до реализирање. Ваквата иновација ќе ги направи авионите потивки, подобри за зачувување на околината, но и поевтини за одржување и вршење летови.

Се проценува дека цената за гориво во авиоиндустријата минатата година изнесуваше околу 180 милијарди долари. До крајот на 2019 година, се очекува дека цената за потрошено гориво ќе порасне на околу 206 милијарди долари.

„Луѓето кои се занимаваат со заштита на околината и ние кои работиме на технологијата во оваа индустрија сме сложни дека секој од нас сака да ја намали потрошувачката на гориво“, рече извршниот директор на Wright Electric, Џеф Енгиер.

Целта на компанијата е да се произведе авион кој може да ја помине границата од 500 километри лет, што би значело дека според моменталните рути, ќе можете да отпатувате од Лондон до Амстердам со едно полнење на моторот.

Извор: Klix.ba

Текстот Ерата на електрични авиони е поблиску од што можете да замислите е превземен од USB.mk.