ESA ќе копа руда на Месечината најдоцна до 2025. година

Европската вселенска агенција (ESA) планира да почне рударство на Месечината до 2025 година.

За таа цел ESA потпиша договор со производителот на ракети Аријана, кој би требало да ја проучи и да ја подготви мисијата за експлоатација на реголит, камен од Месечината.

Реголитот ја прекрива целата површина на Месечината до длабочина од најмалку 3,5 метри и би можел да се преработи за добивање на кислород, вода и потребното гориво.

Многу вселенски агенции веруваат дека рударството на Месечината е клучно за воспоставување на постојани лунарни бази или колонии.

„Употребата на вселенски ресурси може да биде клучот за одржливо лунарно истражување и оваа студија е дел од сеопфатниот план на ESA, Европа да ја направи партнер во тоа истражување”, рече Дејвид Паркер, еден од директорите на агенцијата.

АријанаГруп, европскиот конзорциум за вселенски истражувања и развој на ракети, објави дека во мисијата нема да биде вклучено испраќањето на луѓе на Месечината, туку роботска опрема.

„Оваа година одбележуваме 50 години од првите човечки чекори на Месечината и АријанаГруп ќе ги поддржи сите постоечки и идни европски проекти за да може Европа да има независен и суверен пристап до вселената”, рече Андре-Хуберт Расел, прв човек на компанијата.

Текстот ESA ќе копа руда на Месечината најдоцна до 2025. година е превземен од USB.mk.