Фустан со сензори откри колку жените се изложени на непожелни допири (ВИДЕО)

Експериментот беше спроведен во Бразил, а со поддршка од пијалакот „Швепс“

За задник, за половина, за раменици, за раце, врат… против нивна воља беа допирани три девојки што учествуваа во експериментот со кој се испитуваше колку жените се изложени на обиди за злоставување. Експериментот беше спроведен во Бразил, а со поддршка од пијалакот „Швепс“.

За потребите на оваа општествено одговорна кампања, бил направен специјално дизајниран фустан, опремен со сензори. Осетливите електронски ленти биле поставени во ткаенината на фустанот, при што испраќале сигнал на секој допир врз девојката.

Кампањата е спроведена во ноќните клубови во Бразил, а со цел да се укаже дека тоа се местата каде девојките најмногу се изложени на обиди за злоставувања.

Резултатот од кампањата бил разочарувачки. Девојките уште при првото влегување во клубот, биле изложени на непожелни допири и наметнувања од страна на мажи. Сензорите од фустанот постојано испраќале сигнали преку кои се гледа на кои сè делови од телата биле фаќани девојките додека се движат меѓу луѓето.

Трите девојки го носеле фустанот околу три часа и секоја од нив се соочила со фаќања по телото, без нејзино одобрување. Според прибраните податоци од сензорите, во просек, на еден час имало по 40 несакани допири по нивните тела.

Пораката од ова видео е дека жените не се предмети и дека мажите треба да покажат поголемо почитување кон нив. Зад реализацијата на кампањата стои агенцијата „Ogilvy“ од Бразил.

Извор: AdToDate.mk

The post Фустан со сензори откри колку жените се изложени на непожелни допири (ВИДЕО) appeared first on USB.mk.