Микроорганизми од Земјата на надворешната страна од Меѓунарoдната вселенска станица успеаја да преживеат 533 дена во вакуум, изложени на интензивно ултравиолетово зрачење и екстремни осцилации на температурата во вселената, покажа германско истражување чии резултати упатуваат на можноста тие живи организми да можат да преживеат и на Марс.
Научниците од Германскиот вселенски центар сакаа да проверат како би преживеале организми од Земјата во услови како тие на негостољубивиот Марс, планетата од Сончевиот систем која има најголеми шанси да стане втор дом за луѓето.
Во рамките на експериментот наречен Biomex организми како бактерии, алги, лишаи и габи биле изложени на услови слични на марсовските на Меѓународната вселенска станица. На Марс постојат многу услови потребни за живот како атмосфера и елементи на јаглерод, кислород или водород, сулфур и фoсфор, па можеби и течна вода.
Организмите биле одгледани на подлога која одговара на земјата на Марс и потоа биле поставени на надворешната страна на Меѓународната вселенска станица во комората Expose-R2. Експериментот опфатил стотина примероци кои биле оставени таму 18 месеци меѓу 2014 и 2016 година, пред да бидат вратени на Земјата за да бидат анализирани. Некои од организмите и биомолекулите покажале исклучителна отпорност на зрачењето на надворешната вселена и на Земјата се вратиле живи.
Организмите кои биле користени за истражувањето биле собрани од најнегостољубивите делови од Земјата како Арктикот, Антарктикот, Алпите, вечниот лед и шпанските степи.
Текстот Германски научници докажаа дека организми од Земјата можат да преживеат и на Марс е превземен од USB.mk.