Гратче во САД поради радиотелескоп војува со Wi-Fi

Најголемиот движечки радиотелескоп во светот, „Грин Банк телескоп“, е сместен во Грин Банк, во американската сојузна држава Западна Вирџинија. Дијаметарот на рефлекторите му е 100 метри и се користи за откривање и набљудување на пулсари (високо магнетизирани ротирачки неутронски ѕвезди кои емитуваат снопови од електромагнетна радијација) и други објекти во вселената. Тој е крајно чувствителен на најмалите бранови, така што мора да биде опкружен со радиотишина.

Во 1958 година, кога опсерваторијата била отворена, елиминирањето на радиобрановите од други области не било некоја премногу радикална задача. Сепак, денес кога секој уред има барем некаков вид предавател (безжичен интернет, блутут итн.) многу е потешко да се обезбеди правилна работа на радиотелескопот.

Националната зона на радиотишина прогласена пред 61 година опфаќа приближно 33.700 квадратни километри на кои жителите не смеат да користат електронски уреди кои би му пречеле на телескопот. Во дијаметар од околу 6,5 километри околу телескопот ограничувањата се уште построги.

Во денешно време тоа значи дека во близина на оваа опсерваторија може да се возат само дизел- возила, но забрането е користење на мобилни или какви било други паметни уреди што безжично се поврзуваат. Спроведувањето на овие рестрикции е уште потешко.

Во Грин Банк денес живеат околу 150 жители, додека пошироката област е дом на околу 8.500. Сите тие се „заробени“ во 19 век. Безжичниот пристап на интернет е најстрого забранет бидејќи тој најчесто се пренесува преку радиобранови со фреквенција од 2,4 GHz – идентична со онаа што ја емитираат споменатите пулсари. На безжичен интернет денес се поврзуваат фрижидерите, печатачите, паметните ѕвончиња на вратите. Но, и покрај забраната, многу луѓе користат безжичен интернет.

Затоа, радиотелескопот има специјални експерти кои патуваат низ околните подрачја и бараат фреквенции, откривајќи ги оние што би можеле да му пречат на радиотелескопот. Ако ги откријат – можат да ги забележат како пречка, но не можат да ги онеспособат или да наредат нивно исклучување. За тоа е задолжена државата, која треба да ги казни тие што ги прекршуваат правилата.

Операторите на радиотелескопот, пак, се свесни дека не можат да ги исклучат сите радиокомуникации, па развиваат системи за борба против интерференцијата. Како што велат, борбата продолжува.

Извор: Bug.hr

Текстот Гратче во САД поради радиотелескоп војува со Wi-Fi е превземен од USB.mk.