Ловецот на екстрасоларни планети – вселенскиот телескоп Кеплер – се пензионираше минатиот месец после 9-годишната неуморна мисија со очи вперени кон ѕвездите. Кеплер пронајде 2 681 планета надвор од нашиот соларен систем и уште повеќе потенцијални кандидати. Сепак Кеплер не бараше било какви планети. Негова посебна љубов и фокус беа планети слични на Земјата – карпести, обвиткани со атмосфера и на умерена оддалеченост од нивното „Сонце“ каде не би било ни претопло, ни преладно. Мотивот на Кеплер беше да најде планети каде би можело да постои живот. Кеплер е само дел од вековната потрага и енигма на човештвото: Има ли живот на другите планети?
На предавањето во рамките на Циклусот на Скопско астрономско друштво, во четврток, на 13. декември (почеток 20 часот) ќе биде разгледувано ова прашање, за кое е лесно да се шпекулира и фантазира, но е тешко да се одговори научно и аргументирано. За таа цел ќе ги впрегнеме сите сили на природните науки: не само астрономијата и астрофизиката, туку и биологијата, хемијата, генетиката, математиката, информатиката и ќе нурнеме во заедничка потрага по ова прашање. Ќе разгледаме како Кеплер ги ловеше плaнетите, како ја одредуваме нивната дистанца од локалната ѕвезда, нивниот радиус, дали се во зона на населивост, дали има атмосфера и вода таму, која е можноста да има живот таму итн.
Предавач: дипл. инж. Златко Бучкоски – физичар со државни признанија во областа на физиката, математиката, астрономијата и учесник на 31та меѓународна олимпијада по физика во Лестер, Велика Британија. Предавањето ќе биде прилагодено и за публиката која не е длабоко навлезена во природните науки, со многу слики и илустрации.
И оваа година, Скопско астрономско друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.
Распоредот на предавања е следен:
- Живот на Марс
- Мисијата Касини
- Темниот Универзум
- Космологијата низ вековите
- Теорија на струни
- Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
- Црни дупки
- Ајнштајновите теории на релативитет
Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско астрономско друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.
Текстот Има ли живот на другите планети? – Продолжува циклусот на Скопско астрономско друштво е превземен од USB.mk.