За науката и досега беше познато дека човечката бучава може да има негативно влијание на некои животни, но ново истражување на Кралскиот универзитет во Белфаст, Северна Ирска, посочува дека бучавата на луѓето навистина треба да се третира како „голем светски загадувач”.
Анализирајќи неколку претходни истражувања, научниците Хансјегер Кунц и Рувен Шмит дошле до заклучок дека „бучавата влијае на огоромен број видови, а не само на неколку што се особено чувствителни на бучава“.
„Утврдивме дека бучавата погодува многу видови водоземци, членконоги, птици, риби, цицачи, мекотели и влекачи“, се истакнува во научниот труд објавен во списанието „Бајолоџи летерс“.
Човековиот шум е распространет насекаде – од превозот, индустријата во густо населените градски области, преку авионите на небото, па сè до пропелерите на бродовите за кои се верува дека се мешаат со комуникацијата на китовите и може да играат улога во нивното масовно насукување, оти дезориентираните животни го губат чувството за насока.
На пример, човековата бучава се меша и со ултразвучните сетила на лилјаците во потрагата по инсекти, што им го отежнува ловот. За некои суштества, тоа е отежнување, но за други понекогаш значи и предност. Во случајов, ова нарушување на природниот тек е спас за инсектите.
„Во примерот со лилјаците, грабливецот има проблем да ја лоцира жртвата… Но во други случаи пак, видовите кои се потпираат на звукот заради лоцирање на грабливците, може да настрадаат токму зашто нема навреме да го чујат напаѓачот”, се наведува во написот.
Научниците сметаат дека загадувањето од човековата бучава мора да се гледа во контекст на екосистемот, особено кога станува збор за напорите за заштита на животната средина.
„Бучавата мора да се смета за сериозна промена на животната средина и како загадување, бидејќи влијае на водните и на копнените видови. Оваа анализа нуди квантитативни докази што им се потребни на законодавните тела за ефикасно регулирање на ова загадување на животната средина“, гласи заклучокот на професорите.
Текстот Истражување: Бучавата од луѓето е огромен светски загадувач е превземен од USB.mk.