Концентрацијата на пластичен отпад на дното на Јадранското море е меѓу најголемите во Европа, по североисточниот дел на Медитеранот и Келтското море.
Отпад во Јадранот стигнува од околу четири милиони луѓе кои живеат покрај брегот, а тој број се зголемува речиси за шест пати за време на туристичката сезона, предупредува меѓународен тим на експерти во студија објавена во списанието Marine Pollution Bulletin, пренесува хрватски „Индекс“.
Како што се наведува, посебен проблем за Јадранот е тоа што се работи за релативно мало, плитко и полузатворано море кое е поврзано со Средоземното море што исто така е полузатворено и загадено.
Во водите во јужна Хрватска околу 90 отсто од пластичниот отпад доаѓа поради струите и ветровите, најмногу од Албанија.
Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (IZOR) вели дека 70 до 80 проценти од отпадот во морето доаѓаат од копното, додека остатокот е од морето по пат на транспорт, туристички активности, риболов и платформи далеку од брегот.
„Медитеранот е, за жал, едно од загадените мориња, бидејќи станува збор за полузатворен базен, а кон него гравитираат повеќе земји со различен цивилизациски развој. Има голем број на земји од Азија, Африка и Европа, а за жал не во сите е докрај развиено нивото на еколошка свест и однесување“, вели Тутман.
Текстот Јадранот се гуши во пластика и е меѓу најзагадените мориња во Европа е превземен од USB.mk.