Јапонскиот остров Есамбе Ханакита Коџима кој се наоѓа на околу 500 метри од северниот јапонски остров Хокаидо, исчезнал под вода, но никој не знае зошто или кога точно се случило тоа.
Се верува дека овој мал, ненаселен јапонски остров во Охотското море исчезнал поради посилни ветрови и бранови, но за таквите тврдења не постојат докази, а мештаните од селото кое е најблиско населено место до островот, а се наоѓа на врвот на Хокаидо, дури и не го забележaле неговото исчезнување, пишува „Гардијан“.
Тоа е еден од 158-те ненаселени острови, на кои во 2014. година јапонската влада им дала назив, означувајќи ги за свои, со цел да го потврди територијалниот и економски статус.
Островот Есамбе Ханакита Коџима се наоѓал западно од Курилските Острови, кои со години биле предмет на спор меѓу Јапонија и Русија.
Како што пренесува британскиот весник, според меѓународното право, остров може да биде именуван само доколку е над нивото на водата, а овој остров последен пат бил измерен во 1987. година, кога било утврдено дека се наоѓа на 1,4 метри над површината на водата.
Тогаш експертите утврдиле дека островот исчезнувал под вода поради силните ветришта и мразот, кои се јавувале секоја зима во Охотското море. По ова официјално мерење, немало други понатамошни извештаи.
Жителите во близина на островот во септември биле предупредени за неговото можно исчезнување, откако писателот Хироши Шимицу ја посетил областа додека пишувал книга за загубените јапонски острови.
По ваквото известување, надлежните од локалната рибарска задруга испратиле чамци на локацијата каде што се наоѓал островот и тогаш откриле дека веќе го нема.
Текстот Јапонски остров мистериозно исчезнал, без никој да забележи е превземен од USB.mk.