Дали знаете дека во токму во Осло „се крие“ најголемата полначница за електрични автомобили во светот?
Со години, Норвешка се нарекуваше земја на нафтата и плинот. Бензинот и дизелот беа евтини, а Норвежаните на големо купуваа каравани. Но, времињата се менуваат.
Денес Норвежаните преземаат големи чекори за да се одалечат од како што велат оваа „нечиста индустрија“ која им донесе богатството и ги прослави ширум светот. Наместо нафта и гас, тие се свртуваат кон обновливи извори на енергија и струја.
Центарот на Осло можеби е најдобриот пример за тоа како функционира целата филозофија на „чиста Норвешка“. Фјордот пред главниот град во кој со години беше сместена тешката индустрија, и во кој неконтролирано се испуштала жива и, како што признаваат и самите Норвежани, се фрлало се што можело, денес изгледа сосема поинаку. Водата е бистра, се враќаат растенијата и животните, а граѓаните на Осло повторно без страв за своето здравје, може да го прават она што многу го сакаат – ладно капење.
Но, луѓето од Осло не се посветиле единствено на чистење на фјордот. Тие донеле свесна одлука дека сакаат да го исчистат градот. Така, 800 паркинг простори се отстранети од центарот на градот. Ако споредиме со состојбата во Скопје, логиката вели дека е многу тешко да се дојде до паркинг место. Не. Во Осло ова функционира фантастично. Нема бучава ниту гужва, нема „легнување“ на автомобилската труба или мирис на издувни гасови. Трамваите доаѓаат секогаш на време и на секои десет минути. Истото важи и за автобусите кои го покриваат поширокото градско подрачје, а што е уште поважно не придонесуваат за загадување бидејќи возат на струја или биодизел.
Бесплатно полнење и паркинг за електрични автомобили
Фактот дека Осло се ослободил од паркинзите не значи дека на автомобилите им е забрането да влезат во центарот на градот. Напротив. Во центарот, под историската тврдина, од која Осло се бранело од Наполеон, сместена е најголемата полначница за електрични автомобили во светот, која воедно е гаража. Граѓаните на Осло во оваа подземна гаража, која има 86 места, може потполно бесплатно да паркираат и да го полнат својот електричен автомобил цели 10 часа на ден. Треба само да се преземе апликацијата за паметен телефон, да се регистрира автомобилот и… толку.
Поголемиот дел од жителите на Осло не се откажале од автомобилот, иако одењето на работа со јавен превоз или велосипед им е многу драго. Тие купиле електричен автомобил, за кој не морале да плаќаат ДДВ. Покрај тоа, тие добиле и цел спектар на бенефиции, како што е можноста да паркираат бесплатно во центарот на градот, да ја употребуваат лентата наменета за автобуси, не мора да плаќаат патарина, такси за тунели и мостови… Луѓето во Осло велат дека придобивките со купување на електричен автомобил се исплатливи. Да, тие се уште се поскапи од класичните автомобили на бензин или дизел гориво, но придобивките тоа брзо го надокнадуваат.
Привилегии може да користат и компаниите. Така компанија која одлучила да купи електричен автомобил исто така не плаќа ДДВ за тоа, а може да користи и олеснувања за неговото одржување. Во олеснувањата е вклучен и лизинг за електричнотото возило.
Се поголем фокус и на водородот
Иако Норвешка најави дека полека ќе почнат да ги намалува и укинува олеснувањата, Норвежаните продолжуваат да купуваат електрични возила. Според некои податоци, се очекува дека дури 40 отсто од новите возила во Осло ќе бидат електрични веќе оваа година.
Така, на улиците на градот честопати може да се сретнат возила на Tesla. Повеќето од нив се Model S и Model X, но може да се види и по некој Model 3. Според некои информации, токму во Норвешка се возат најмногу електрични автомобили на Tesla по глава на жители.
Но, покрај електричните возила, на улиците на Осло полека но сигурно навлегуваат и автомобилите на водород. Toyota Mirai, иако припаѓа на сегментот лимузини, станува се поинтересна за Норвежаните. Возилата со погон на водород имаат нешто поголема автономија од електричните возила (околу 500 километри), а единствениот нус-производ е вода. Чиста вода која дури може и да се пие иако нема вкус. Нешто како дестилирана вода.
Главниот проблем во однос на се поголемиот број возила на водороден погон е недостатокот на инфраструктура. Додека за полнење на електричниот автомобил е доволно да се има продолжен кабел и приклучок, за дополнување на резервоарот за водород возилото мора да појде на посебна полначница. Но, долнувањето на водородното возило е готово за пет минути, што го прави стандардно возило.
Возачот се пријавува со апликација за паметен телефон, која го отлкучува местото за полнење. Автомобил и полначницата „зборуваат“ за да се ускладат податоците – колку е полн резервоарот кој е притисокот, колку е максималниот притисок… И тогаш почнува полнењето. Системот е целосно затворен и безбеден, без истекувања, без рачен држач, без пареа. Ако се детектира било какво истекување од системо, тој автоматски ќе престане со полнење.
По пет минути целата работа е завршена и возачот може да седне во автомобилот и да продолжи.
Според некои проценки, до крајот на годината, покрај повеќе од 140.000 електрични возила, по норвешките патишта ќе крстарат и околу двеста возила на водородна енергија. Со поголем број на полначници, овој број сигурно дополнително ќе се зголеми.
За почеток треба само желба и визија за чист град од иднината
Жителите на Осло се решени својот град да го направат чист и удобен за живот. Тие не ги отстраниле автомобилите целосно од центарот, ама направиле одличен компромис.
Кога ќе се погледне сето ова, неоспорно е дека за се требаат и пари. Неоспорно е дека буџетот на Град Скопје и буџетот на Осло се многу далеку. Но ако се има желба, полека работите може да тргнат во поинаква насока. Вистински луѓе со желба и знаење на вистинско место и правилна распределба на буџетските пари, за краток период може да донесат големи резултати.
Рака на срце, ќе мораме да се менуваме и ние како луѓе, жители на овој град. А навиките тешко се менуваат…
Извор: Додај Гас
Текстот Како Осло стана мека за електрични автомобили? е превземен од USB.mk.