Секој што некогаш читал дистописки романи во кои се опишува 24-часовен видеонадзор на целото население ќе бидат обесхрабрен со вестите што доаѓаат од Кина.
Не е тајна дека станува збор за земја со мали лични слободи за луѓето во споредба со западните земји, но плановите на владејачката Комунистичка партија во Кина звучат како да биле копирани од некои од познатите романи на Џорџ Орвел или Алдоус Хаксли.
Имено, властите во Кина имаат намера да воведат систем што го нарекуваат „социјален кредит“, еден вид оценување на поведението на секој поединец во општеството, што во голема мера ќе ги одредува животните шанси на луѓето.
За неколку години, како што наведуваат извори од Кинеската комунистичка партија, овој систем ќе им овозможи на веродостојните граѓани слободен пристап насекаде, додека, пак, оние што се дискредитирани тешко ќе можат да направат дури и неколку чекори.
Како што јавува австралискиот Еј-би-си, „социјалниот кредит“ во Кина е нешто како лична карта со поени што ќе ја добие секој од 1,4 милијарди луѓе во Кина.
Социјалниот кредит ќе има двојна функција – граѓаните со висок социјален кредит ќе имаат ВИП-третман во хотели и аеродроми, евтини кредити, забрзан упис на најдобрите универзитети и пристап до најдобрите работни места.
Се разбира, постои и другата страна на таа монета. Имено, оние со низок социјален кредит ќе можат да добијат забрана за патување, забрана за вработување во државни и јавни претпријатија, како и забрана за подигање кредити.
Оваа програма ќе се спроведува со помош на високотехнолошки системи за надгледување кои ќе бидат контролирани од страна на вештачка интелигенција, на која Кина интензивно работи со години.
Надзорните камери ќе бидат опремени со софтвер за препознавање на лицето и скенирање на телото, односно гео-следење, така што секој граѓанин на Кина ќе биде под постојан надзор. Во моментов се шпекулира дека мрежата за надзор ќе се состои од 200 милиони камери кои ќе го следат секој чекор на луѓето.
Текстот Кина воведува строг надзор за граѓаните, поведението ќе се оценува со бодови (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.