Контроверзното тестирање на ова американско „технолошко чудо“ е веќе спроведено на 10 илјади кинески ученици, а слични програми се спроведуваат и во САД, Мексико, Шпанија и Бразил.
Дали во иднина професорите ќе го скенираат мозокот на вашето дете за да бидат сигурни дека ја следи наставата? Оваа технологија иако звучи морничаво, веќе се тестира во Кина, а програмата се шири и во неколку други држави.
Станува збор за високотехнолошка лента која што се става на главата на секој ученик и со помош на сензори се мери работата на мозокот за професорите да бидат сигурни дали учениците се фокусирани на предавањето, или пак нивните мисли „залутале“.
Технологијата е наречена FocusEDU и е развиена од страна на стартап компанијата BrainCo од Масачусетс. Од оваа компанија веќе склучиле договор со бројни кинески училишта и технологијата се тестира на ученици на возраст од 10 до 17 години. Слични тестирања од помал обем се спроведуваат и во училишните установи во САД, Мексико, Шпанија и Бразил.
FocusEDU функционира на начин што на лентата на главата се користат сензори за следење на мозочните бранови. Високофреквентните бета бранови во мозокот се зголемуваат кога сме сконцентрирани, а нискофреквентните алфа и тета бранови доаѓаат до израз кога сме опуштени.
Биченг Хан, основач и извршен директор на BrainCo тврди дека после тестирањата, учениците добивале подобри оценки на училиште и им било потребно помалку време за да ги напишат своите домашни задачи.
Додека бројни научници ја доведуваат во прашање ефикасноста на овој уред, а експериментирањето со оваа технологија предизвика голема загриженост за приватноста, во меѓувреме, компанијата веќе потпишала договор за испорака на 20 илјади FocusEDU ленти на кинески дистрибутер. Секој уред наизменично ќе го користат повеќе ученици, а целта на Хан е да допре до податоци од 1,2 милиони ученици.
Текстот Кинески училишта со скенирање на мозокот утврдуваат дали учениците ја следат наставата (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.