За изградба на најдолгиот железнички тунел во светот под површината на морето, кој кога ќе биде завршен, ќе ги поврзува главните градови на Финска и Естонија, собрани се средства во износ од 15 милијарди евра, јави њујоршката агенција „Блумберг“.
Собраните средства се обезбедени од страна на кинескиот фонд „Тачстоун капитал партнерс“, а би требало да ги покријат сите трошоци за изведба на проектот, објави компанијата што го проектира тунелот „Фајнест беј ерија дивелопмент“.
Една третина од средствата ќе се реализираат преку приватни капитални инвестиции, а две третини во форма на заеми според потпишаниот меморандум за разбирање.
Планираниот тунел меѓу Хелсинки и Талин ќе биде долг 100 километри, а ќе биде изграден и барем еден вештачки остров, вели креаторот на проектот, финскиот претприемач Питер Вестербачка.
Владите на Финска и Естонија ветија дека ќе се обидат дел од средствата да добијат од Европската Унија, со што би се намалил уделот на неопходните приватни инвестиции.
Иако изградбата на тунелот сè уште не е почната, билетите за патување со возот веќе се ставени на продажба од декември минатата година. Цената на еднонасочните билети изнесува 50 евра, а годишните билети се продаваат за илјада евра, пишува „Раша тудеј“.
Текстот Кинезите ја финансираат изградбата на најдолгиот подводен тунел во светот е превземен од USB.mk.