Личните предмети на Стивен Хокинг продадени за повеќе од 1,8 милиони фунти

Личните предмети на фасцинантниот ум на нашето време Стивен Хокинг, кои беа понудени на онлајн аукција од 31 октомври до 8 ноември, беа продадени за повеќе од 1,8 милиони фунти, објави аукциската куќа „Кристи“, која ја организираше аукцијата.

На аукцијата беа понудени 22 предмети на британскиот физичар, кој почина во март на возраст од 76 години.

Најстарата количка што ја користеше познатиот научник и една од првите моторизирани постигна цена од 300 000 фунти, а неговиот научен труд, докторската дисертација „Својства на универзумите што се шират” од 1965 година, се продаде дури за 584 750 фунти, речиси четири пати повеќе од оригиналната процена на „Кристи“.

Книгата „Кратка историја на времето”, потпишана со отпечаток од прстот на авторот во 1988 година, продадена е за 68 750 фунти, што е, исто така, многу повеќе отколку првично очекуваните 3 000 фунти. Сценариото за епизода на „Симпсонови“ во која се појави познатиот физичар и космолог беше продадено за 6 250 фунти.

Меѓу продадените предмети се медали и награди, кои на аукцијата постигнаа цена од 296 750 фунти.

Приходот остварен од продажбата на црвената кожена количка на Хокинг ќе биде предаден на неговата фондација и на здружението за борба против болеста на моторните неврони.

 

Текстот Личните предмети на Стивен Хокинг продадени за повеќе од 1,8 милиони фунти е превземен од USB.mk.