Луксембуг ќе стане првата земја во светот со бесплатен јавен превоз.
Како што пренесува „Гардијан“, повторно избраната коалициска влада, предводена од Ксавиер Бетел планира да го укине плаќањето на билети во возовите, трамваите и автобусите и тоа веќе следното лето.
Демократската партија на Бетел која во владата е со левичарската Социјалистичка работничка партија и Зелените, се обврза дека животната средина ќе и биде приоритет. Ова и беше едно од главните предизборни ветувања, а покрај бесплатниот превоз низ целата земја, планирана е и легализација на канабисот и воведување на два нови државни празика.
Како што пишува „Гардијан“, Луксембург Сити, главниот град на земјата, има многу густ сообраќај и во него честопати настанува голем сообраќаен метеж.
Во градот живеат околу 110.000 луѓе, но околу 400.000 секојдневно доаѓаат на работа. Студијата спроведена од градските власти покажала дека возачите минуваат 33 часа во сообраќајни метежи.
Целата земја има 600.000 жители, но околу 200.000 жители од пограничните региони со Франција, Белгија и Германија секој ден доаѓаат да работат во Луксембург.
Владата во Луксембург веќе воведе бесплатен јавен превоз за секое дете и сите помлади од 20 години. Средношколците имаат слободен превоз од училиште до дома.
Целосно бесплатниот јавен превоз е најавен за 2020 година, а до тогаш мора да се прецизираат некои детали.
Текстот Луксембург ќе стане првата земја во светот со бесплатен јавен превоз е превземен од USB.mk.