Шпанската престолнина Мадрид воведе строги рестрикции кога станува збор за пристап на автомобилите загадувачи до централниот дел на градот, а целта е намалување на загадувањето на воздухот за 40%.
Ограничувањата се однесуваат на бензински автомобили произведени пред 2000 година и дизел автомобили произведени пред 2006 година. Тие ќе можат да влегуваат во централниот дел, но нивните сопственици ќе треба да докажат дека имаат паркинг, како и да ги регистрираат возилата според нова шема за еколошки категории на автомобилите.
Се претпоставува дека новата шема да ограничување на пристапот и прекатегоризирање на секој автомобил, ќе влијае на околу 20% од автомобилите, кои се движат во централниот дел на Мадрид. Покрај намалување на загадувањето на воздухот, градските власти во Мадрид се надеваат дека ќе охрабрат посериозно користење на велосипеди, како и намалување на бучавата од градскиот сообраќај.
Во 2020 година постарите бензински и дизел автомобили ќе бидат целосно забранети во центарот, а возачите на хибриди ќе добијат дополнителни олеснувања во однос на паркирањето. Казната за прекршување на ограничувањата за движење во Мадрид ќе биде 90 евра, а шпанската престолнина тргнува по стапките на Париз, каде веќе е забранет пристап во центарот на градот во работни денови за автомобили произведени пред 1997 година.
Текстот Мадрид со забрана за стари дизел и бензински автомобили е превземен од USB.mk.