Мистеријата зад лунарните белези, едни од најубавите оптички аномалии на Сончевиот систем, конечно би можела да биде решена благодарение на заедничката студија на универзитет Рутгерс и Универзитетот Беркли во Калифорнија.
Откритието укажува на динамиката на античкото минато на Месечината како место со вулканска активност и внатрешно генерирано магнетно поле. Исто така, ова откритие ја менува нашата перцепција за постоечката геологија на Месечината.
Лунарните белези потсетуваат на светли облаци насликани на темната површина на Месечината. Најпознатиот од нив, наречен Рајнер Гама, е долг околу 40 километри и е доста популарен кај астрономите. Повеќето лунарни белези се на локации со моќни магнетни полиња.
“Но, причината за овие магнетни полиња, а со тоа и на самите белези, одамна е мистерија“, вели Соња Тико, коавтор на студијата неодамна објавена во Journal of Geophysical Research – Planets и асистент професор во Универзитетот Рутгерс. “За да ја решиме мистеријата, моравме да дознаеме каква геолошка карактеристика може да произведе вакви магнетни полиња – и зошто нивниот магнетизам е толку моќен“ додава таа.
Работејќи со она што е познато за сложената геометрија на лунарните белези и силата на магнетните полиња поврзани со нив, истражувачите развија математички модели за геолошки “магнети“ – при тоа откривајќи дека секој од овие белези мора да стои над магнетниот објект кој е закопан во близина на површината на Месечината. Сето ова е во согласност со лава каналите – долги, тесни структури формирани од течењето на лавата за време на вулканските ерупции.
Текстот Мистериозните “лунарни белези“ укажуваат на вулканското минато на Месечината е превземен од USB.mk.