На струја на две тркала: KTM вложува 500 милиони евра во електрични мотоцикли

KTM во текот на следните пет години ќе вложи околу половина милијарда евра во развојот и истражување на електричните мотоцикли, од кои 120 милиони евра ќе кредитира Европската инвестициска банка.

Од австриската компанија KTM најавија големи вложувања на пазарот на е-мотоцикли и во текот на следните пет години ќе вложи дури околу 500 милиони евра во истражување, развој и производство на мотоцикли на струја. Оваа најава, како и претставувањето на електричните мотоцикли на другите познати компании како Harley Davidson и Piaggio (кој претстави електрична веспа) е уште еден доказ за промените и новите трендови на овој пазар.

Погонот на струја ќе доминира на сите (или поголем дел) облици на превоз – речиси да нема автомобилска компанија која не развива свои е-автомобили, претставени се и електрични камиони, а се работи и на авиони кои ги покренува струја.

Вложувањата на KTM на овој пазар ќе ги следи Европската инвестициска банка (EIB) која компанијата ќе ја кредитира со 120 милиони евра, кои австриската компанија ќе ги искористи за развој на електрични погони и што е можно полесни материјали за изработка на мотоцикли, интелигентни системи на транспорт, како и за идните концепти на урбаната мобилност.

На Саемот за мотоцикли во Милано, KTM претстави електричен мотоцикл со мотор со сила од 5 KW наменет за offroad возење, а се работи за модел наменет за најмладите љубители на мотори и трки. Моделот KTM SX-E 5 е базиран на познатата и успешна KTM 50 SX серија мотори, која овозможува околу 2 часа класично возење, додека на патеката би требало да издржи околу 25 минути тркање. Потоа треба да земе пауза од околу еден час, колку што е потребно за полнење на батеријата.

 

Текстот На струја на две тркала: KTM вложува 500 милиони евра во електрични мотоцикли е превземен од USB.mk.