Во текот на изминатата недела во норвешките рибни фарми дојде до помор на речиси 8 милиони лососи, што резултира со загуба на повеќе од половина од очекуваниот раст на продажбата оваа година, објави во средата норвешкиот Совет за морска храна.
Алгите, кои бргу се шират околу брегот на северна Норвешка, се лепат на жабрите на рибите и ги задушуваат. Рибите во морето може да испливаат подалеку од појасот на алги, но оние во фармите се заробени.
Штетните алги, меѓу другото, се шират и поради топлото време. Алгата продолжува да се шири, соопшти норвешката Управа за рибарство.
Управата за рибарство во вторникот соопшти дека имало помор на над 10.000 тони лосос, со продажна цена од речиси 620 милиони норвешки круни (околу 63 милиони евра), но Советот за морска храна посочува дека загубата ќе биде многу поголема.
„Прерано е да се каже колку големи ќе бидат загубите за производителите. Прелиминарните бројки укажуваат на 8 милиони риби, што одговара на 40.000 тони лосос што нема да стигнат до пазарите“, рече аналитичарот на Советот, Пол Аандал.
Според еден аналитичар, ова значи неостварување на половина од очекуваниот пораст и зголемување на цените на лососот.
Норвешка извезе 1,24 милион тони лосос во 2018 година, што е 2,5 проценти повеќе од 2017 година. Оваа година се очекуваше раст од речиси 4 проценти.
Текстот Наплив на алги направи помор на илјадници тони лосос во Норвешка е превземен од USB.mk.