NASA ги сними првите звуци на Марс (ВИДЕО/АУДИО)

Сондата „Инсајт“ која од минатата недела се наоѓа на Марс ги сними првите звуци од ветерот на Црвената планета. Аудио снимката ја објави Центарот за развој на NASA. Се проценува дека ветерот бил со брзина од 16 до 24 километри на час, а научниците наведуваат дека станува збор за први звуци од Марс кои човечкото уво може да ги слушне.

„Ме потсетува на ветер во летно попладне. Во најмала рака, вака би звучело да седите во сондата ‘Инсајт’ на Марс“, вели Дон Бенфилд, научник од Универзитетот „Корнел“.

Научниците вклучени во проектот велат дека звукот има вонземски квалитет. Томас Пајк, од Империјал колеџот во Лондон вели дека звуците се прилично поинакви од сè што сме искусиле на Земјата.

Звукот што се слуша на снимката е предизвикан од ветерот кој удирал во соларните панели на „Инсајт“ и така предизвикал вибрирање на целата сонда. Звуците ги снимиле сензорот за воздушен притисок и сеизмометарот на сондата. Ниската фреквенција е последица на реткиот воздух на Марс, но и на самиот сеизмометар чија цел е откривање на сеизмички бранови.

Текстот NASA ги сними првите звуци на Марс (ВИДЕО/АУДИО) е превземен од USB.mk.