NASA ќе му плати на SpaceX да бомбардира астероид (ВИДЕО)

Американската вселенска агенција ја најми компанијата на Eлон Маск, SpaceX, за истражување на можностите за менување на патиштата на астероидите со лансирање проектили кон нив.

Неодамна SpaceX изврши успешно и спектакуларно полетување на ракетата „Фалкон Хеви“ и слетување на три погонски ракети. Овој и слични потфати на компанијата на Маск веќе донесоа прилично лукративни договори со НАСА, а неодамна американската вселенска агенција ѝ додели уште една работа. Станува збор за прилично футуристички концепт кој може да се види во холивудските филмови. Имено, SpaceX ќе добие 69 милиони долари за да лансира ракета кон астероидот и да се обиде да му го смени патот.

Не, тука не станува збор за тоа дека Земјата е во опасност, па на некој потенцијално опасен астероид треба да се испрати Брус Вилис со екипата, туку се работи за тестирање кое ќе покаже дали се исплати да се размислува за такво сценарио.

Програмата наречена Double Asteroid Redirection Test (ДАРТ) има цел да покаже колку е изводливо да се погоди астероид со проектил за да се влијае врз неговиот пат. Освен тоа, проектот ќе покаже и во кое време може да се подготви некоја таква мисија.

Како што се одвиваат работите, SpaceX со ракетата „Фалкон 9“ во јуни 2021 година ќе го лансира проектот ДАРТ. Тој потоа ќе патува една и пол година за во ноември 2022 година да го пресретне природниот сателит Дидимун. Овој сателит има дијаметар од околу 165 метри и во моментот на ударот би требало да се наоѓа на околу 11 милиони километри од Земјата. Ударот ќе биде набљудуван со телескопи за да се види какво влијание би имало бомбардирањето.

Извор: Bug.hr

Текстот NASA ќе му плати на SpaceX да бомбардира астероид (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.