Додека амазонската прашума гори, а бројот на пожари, според податоците на бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања, се проценува на речиси 73.000, односно 80 проценти повеќе од минатата година, од НАСА објавија дополнителни загрижувачки податоци, пренесува „Сајнс алерт“.
Поточно, сателитите на вселенската агенција регистрирале ужасна снимка од емисија на јаглерод моноксид во атмосферата предизвикана од пожарите во Амазонија.
Од 8 до 22 август НАСА измери концентрација на јаглерод моноксид на висина од 5.500 метри и објави анимација на податоците собрани со помош на инструментот AIRS, со кој се мерат температурата, влажноста, волуменот и височината на облаците, концентрациите на стакленички гасови и многу други атмосферски појави.
NASA maps carbon monoxide from #AmazonRainforest fires from orbit: https://t.co/xFvWUfDfVm pic.twitter.com/eRrp34QvGm
— NASA JPL (@NASAJPL) August 23, 2019
„Зелената боја означува концентрација од околу 100 делови на милијарда, жолтата концентрација од околу 120 делови на милијарда, а темно црвената концентрација од околу 160 делови на милијарда“, се наведува во податоците.
Инаку, јаглеродниот моноксид, кој може да се шири далеку и да остане во атмосферата околу еден месец, игра значајна улога во климатските промени.
И покрај тоа што AIRS бележи присуство на јаглерод моноксид на релативно високи нивоа кои имаат мал ефект врз воздухот што моментно го дишеме, НАСА предупредува дека силните ветрови можат да го одвлечат на пониско ниво каде што може значително да влијае на квалитетот на воздухот.
Текстот НАСА објави снимки од јаглерод моноксид во атмосферата по пожарите во Амазонија е превземен од USB.mk.