NASA почнува со тестирања што можат да го променат патувањето со авион

NASA развива технологија која ќе овозможи патување со авиони со надзвучни брзини, но без удари и голема врева, која го следи пробивањето на звучниот ѕид.

На почетокот на годината, на NASA и беше одобрен буџет за развој на експериментален надзвучен авион и технологија и оваа организација наскоро ќе почне со првите тестирања кои би требало да овозможат намалување на вревата при летовите и пробивањето на звучниот ѕид. Токму гласниот звук и вревата се едни од најголемите проблеми на надзвучните авиони, а развојот на ваков авион би можел да покрене целосно нов период во авионската индустрија.

Како што нагласуваат на веб-страницата BGR, оваа технологија и авиони би можеле засекогаш да ги променат патувањата со авионите и многу да го скратат времето што го поминуваме во воздух, како во случајот на Конкорд. Голем чекор кон таквата иднина, NASA направи оваа недела во Тексас, каде што почнаа првите тестирања. За почеток ќе се тестира само нивото на вревата при пробивањето на звучниот ѕид на американскиот воен авион пренаменет за истражувањата F/A-18.

На сајтот на NASA објаснија дека авионот ќе користи “единствен маневар” при летањето и пробивањето на звучниот ѕид, така што ударот и вревата ќе бидат потивки во однос на класичниот звук при пробивањето на звучниот ѕид.

Со овие истражувања, кои ќе се изведуваат во близина на Галвестон, NASA сака да дознае колкаво е нивото на вревата при пробивање звучниот ѕид кое луѓето можат да го толерираат. По летовите, ќе се спроведува анкета меѓу луѓето кои живеат во близина и посебни сензори ќе собираат податоци за количината на вревата.

Кога ќе ги соберат сите овие податоци, инженерите на NASA ќе можат да ја споредат вревата која ја создава пробивањето на звучниот ѕид со количеството на врева кое луѓето можат да го толерираат, односно ќе мораат својата технологија да ја прилагодат на резултатите на ова истражување.

 

Текстот NASA почнува со тестирања што можат да го променат патувањето со авион е превземен од USB.mk.