Ако садењето повеќе дрвја може да ги надополни шумите и да го отстрани јаглеродниот диоксид од атмосферата, тогаш дали е можно да го обновиме мразот на Арктикот?
Ова е прашање кое го постави тим од индонезиски иноватори, со привлечен одговор на климатската криза: подморници што изработуваат ледени брегови.
Идејата, неодамна прогласена за второпласирана на меѓународен натпревар за дизајн, е последната во низата нови предлози за „повторно замрзнување“ на половите на Земјата – од нивно попрскување со вештачки песок до испуштање морска вода на небото за да ги осветли облаците.
Предводена од 29-годишниот архитект Фарис Раџак Котахатухаха, групата предвидува подводен брод, способен да произведе шестаголни ледени плочи дебели пет метри со ширина од 25 метри.
Процесот ќе започне со подморница што нурнува под површината за да ја наполни својата централна празнина со морска вода. Солта потоа ќе се филтрира, зголемувајќи ја точката на замрзнување на водата за повеќе од 3 Фаренхајтови степени, по што се затвора отворот над комората за да се заштити од сонцето.
Ледениот брег тогаш природно се формира однатре, пред да биде исфрлен еден месец подоцна. Според тимот што стои зад проектот, хексагоналниот облик може да ги поттикне ледените брегови (или „ледените бебиња“, како што ги вика Котахатухаха) да се преплетуваат едни со други и да формираат поголеми замрзнати маси.
Тоа е ран концепт на дизајн и остануваат многу прашања. Дизајнерите допрва треба да финализираат како ќе се напојува возилото, иако тие имаат намера бродот да биде целосно одржлив. Но, дали подморниците, во теорија, можат да работат?
Ендру Шепард, професор по набљудување на Земјата на Универзитетот во Лидс во Велика Британија, ја опиша идејата како „интересно инженерско решение“, иако тој ја доведе во прашање приспособливоста на проектот. Тој процени дека за замена на поларен мраз со истата стапка на исчезнување во последните четири децении ќе бидат потребни околу 10 милиони подморници.
– Тоа се многу машини, вели Шепард. – Заради контекст – тоа не е далеку од вкупниот број произведени „форд модел Т“. Но, за Котахатухаха, предлогот не е само за изводливост – станува збор за изнаоѓање поинаков начин за пристап кон климатските предизвици.
– Арктикот губи мраз од година во година во последната деценија, изјави тој телефонски од Џакарта. Затоа се обидовме да го решиме проблемот преку друг начин на размислување.
– Побогатите земји имаат милиони да потрошат на (морските sидови и) заштита, но што е со сиромашните земји без буџет за (одбрана од) зголемувањето на морското ниво? Тоа е проблем со кој сега се соочува светот заедно. Имаме поинаков пристап: наместо бранење од пораст на морското ниво, сметаме дека е подобро (да се спроведе) некаква интервенција за решавање на проблемот.
Заштита на половите
Можна маана во предлогот – а на другите им се допаѓа – е тоа што правењето мраз не го менува значително нивото на морето. Ако мразот сè уште лебди во водата од која е формиран, тогаш целокупната маса на морето не се менува. (Ледените брегови ќе треба да се „пренесат на копно“ доколку тие го намалат нивото на морето, рече Шепард).
Но, враќањето на претходно ниво, или барем забавувањето на алармантниот пад на поларното море е повеќе од зголемувањето на океаните. Снегот и мразот рефлектираат значително поголема сончева светлина отколку отворената вода, така што поголемите, замрзнати површини значат дека повеќе зрачење се испраќа во вселената.
„Ако доволно е направен (мраз), тогаш на крајот може да ја промени температурата на планетата, што, пак, може да доведе до намалено топење на мразот и намалување на покачувањето на нивото на морето од тој извор, рече Шепард, нудејќи алтернативна предност за правење ледени брегови. – Но, има многу „ако“ на патот.
Колку и да звучи неверојатно, идејата за повторно замрзнување на половите преку геоинженеринг се истражувала и на друго место во академијата. Во 2017 година, тим истражувачи од Државниот универзитет во Аризона откриле концепт за пумпа со ветерна енергија што ја вшмукува морската вода и ја прска на површината на мразот, каде што ќе замрзне побрзо.
Истражувањето на научниците покажува дека користењето на 10 милиони уреди може да додаде еден метар на површината на поларна ледена плоча во текот на зимата. Другите предлози се фокусираа повеќе на заштита на мразот отколку на создавање.
Од 1990 година, британскиот физичар Џон Ланхам истражувал техника позната како морско осветлување на облаците, во која честички – како што е солта во морска вода – се вшприцуваат во облаци за да се зголеми количината на сончева светлина што ја рефлектираат. Заедно со Стивен Салтер, професор по инженерски дизајн на Универзитетот во Единбург, Ланхам разви концепт дизајн за пловечки „спреј сад“, кој може да лансира морска вода во облаците преку повеќе јарболи. Посветлите облаци би значеле дека помалку сончева светлина стигнува на површината на Земјата, со што се намалува летното топење и поттикнува надополнување на мразот во текот на зимата.
На друго место, американската непрофитна група „Ајс 911“ ја мина последната деценија развивајќи високорефлексирачки материјал, сличен на песок, кој може да се расфрла врз мраз за да го заштити од сончевите зраци. Минатата година групата ги тестираше своите „шупливи микросфери“, изработени од силикатно стакло, поставени на над 15.000 квадратни метри (3,7 акри) од замрзнато езеро во Алјаска. Истражувачите откриле дека третираниот мраз е подебел и порефлективен од нетретираниот мраз.
Критичарите велат дека плановите за освежување на Арктикот се однесуваат на симптомите, а не на причината. Навистина, дури и ако предлозите се покажат изводливи, никој не би се спротивставил на јаглеродната потрошувачка, што е одговорна за намалувањето на морскиот мраз.
Како што изјави за Си-ен-ен Џулијан Стров, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и виш научник на Националниот центар за податоци за снег и мраз, кога тимот на Државниот универзитет во Аризона го предложи својот концепт на пумпа со ветерна енергија: Глобалното затоплување како одговор на зголемувањето на концентрациите на СО2 ќе продолжи и покрај напорите за „одгледување“ мраз на Арктикот. Така, вишокот топлина на пониски географски широчини сè уште би се транспортирал кон Арктикот преку атмосферска и океанска циркулација и ова ќе ги спречи напорите за „одгледување“ мраз на Арктикот.
Но, за Котахатухаха и неговиот тим, за големите проблеми е потребна смела иновација. Тој прифаќа дека неговите подморници што изработуваат ледени брегови се „утопистички проект“, но сепак сака експерти од различни области да помогнат во градењето радикални визии за остварливи решенија.
– Архитектите не можат сами да градат облакодери. Ним им е потребна соработка со градежни инженери, електроинженери, економисти и други, истакна тој.
– Ако има премногу ограничувања, нема да има иновации, додаде тој. – Иновацијата е првиот чекор кон отворање (наш) начин на размислување, по што технологијата и истражувањето во врска со изводливоста ќе можат да се продлабочат.
Текстот Научници предлагаат радикални мерки за „повторно замрзнување“ на Арктикот е превземен од USB.mk.